Американските медиуми направија анализи при што издоија 6 фактори кои влијаеле Бајден да ги добие овие избори
Како што стојат работите во моментов, Џозеф Бајден е се поблиску да стане 46. претседател на САД. Но, трката до Белата куќа, не беше ниту брза ниту лесна, имајќи предвид дека од 3. ноември кога се одржаа претседателските избори до денес, 21. ноември, се уште не може со сигурност да се прогласи Бајден за победник. Се’ поради тоа што актуелниот претседател Доналд Трамп, кој се кандидираше за уште еден мандат, одбива да ги признае резултатите и обвинува за масовна кражба на гласови.
Но, и покрај се’, со денешната официјална потврда на резултатите во Џорџија, една од одлучувачките држави, Бајден стаса до 306 електорски гласа, од 538 во Изборниот колеџ, со што ја надмина минималната граница од потребните 270 гласа за победа.
Но, што покажаа овие избори? Американските медиуми направија анализи при што издвоија 6 фактори кои влијаеле Бајден да ги добие овие избори.
1. Повторно е изграден тнр. син ѕид
Бајден успеа да ги освои сојузните држави Висконсин и Мичиген – а сега и Пенсилванија, три од државите каде што победи Доналд Трамп пред четири години. Тие се наоѓаат во таканаречениот „син ѕид“ – група сојузни држави на северот од САД кои стабилно ги поддржуваа демократите на многу претходни избори.
Тука беше и клучниот пресврт во 2016 година кога многу гласачи во овие држави му дадоа поддршка на Трамп, со што тој стигна до Белата куќа. Одлучувачко за ваквата нивна одлука било ветувањето на Трамп дека неговата визија за Америка е земја во која ќе заживеат американските индустрии за челик и јаглен.
Но, во многу држави од овој појас – Охајо, Индијана и делумно во Мичиген, поддршката за Трамп остана. Сепак, очигледна е промената во нивото на поддршка во другите делови, кои одлучија Бајден да обезбеди победа во клучните држави, доволно за да стане претседател.
2. Гласот на лицата со повисоко образование
Во сите одлучувачки држави, во областите каде живее население со повисоко ниво на образование, ова година во споредба со 2016, се забележува наплив на поддршка за кандидатот на демократите. Спротивно на тоа, сите области со голем број гласачи кои немаат повисоко образование, забележале пораст на поддршка за Трамп.
И претходно фабричките работници, особено оние во северните индустриски области, се сметаа за негова „база“, но најновите податоци покажуваат дека ова е уште повеќе изразено на овие избори.
Општиот тренд ја нагласува растечката поларизација на американската политика и поделбите во американското општество помеѓу оние со различни нивоа на образование и често различни вредности.
На места како Аризона, областите каде живее население со повисоко ниво на образование всушност го направија пресвртот. Во 2016 година, иако Трамп победи со разлика која беше најмала од поразот на републиканецот Боб Дол од претседателот Бил Клинтон, во 2020 година таа уште повеќе се намалила.
3. Зголемување на поделбата меѓу урбаните и руралните средини
Во неколку држави кои го направија пресвртот, индикациите се дека Бајден добил повеќе гласови, во споредба со Хилари Клинтон во 2016 година, и тоа во урбаните области.
Во овие области има поголемен процент на факултетски образовани гласачи и луѓе од малцинствата – кои претходно ја поддржаа Клинтон, но Бајден овојпат успеа да ги привлече таквите и во Џорџија, Минесота и Северна Каролина. Дури и во држави како Охајо и Ајова, кои Бајден ги загуби, поддршката за демократите беше зголемена токму во урбаните области.
4. Пензионерите го напуштија Трамп
Уште пред изборите, некои медиуми објавија анализи врз сопствени истражувања, дека пензионерите во областите на Флорида не се сигурни дека ќе гласаат за човекот на кого му помогнаа да стапи на функцијата во 2016 година.
На крајот, се случи токму тоа и Трамп изгуби поддршка во областите со мнозинско население над 65-годишна возраст.
Истото важи и во Аризона, друга клучна држава каде има повеќе пензионирано население од просекот.
Но, ова не беше случај сегде. На пример, во државите на северот, Трамп ја задржа поддршката од повзрасните гласачи од 2016 година, и покрај лошата ситуација со ковид-19.
5. Подемот на латино – заедницата
Демократите беа оптимисти дека барем ќе ја освојат Флорида, иако анкетите покажуваа дека тоа може да се случи во упориштето на републиканците, Тексас.
На крајот, тие не ја освоија ниту едната ниту другата, а зад тоа стои драматичниот подем на латино заедницата која се приклони кон Трамп. На Флорида, на пример 48% од латино – гласачите го поддржаа Доналд Трамп. Демократите на теренот се уверени дека токму нивниот глас е клучен за успехот на Трамп во оваа сојузна држава.
6. „Срамежливите гласачи“
Многу аналитичари, веднаш по изборите изјавија дека анкетите можеби биле погрешни поради феноменот наречен „срамежливи гласачи“ – оние кои на анкетите не биле искрени и не кажале дека ќе гласаат за Трамп, а потоа го сториле тоа. Многу од резултатите го покажаа токму тоа, односно дека поддршката за Трамп се зголемила, особено во сојузните држави Охајо, Ајова и Индијана, кои во 2008 година ги освои Барак Обама, а сега во нив победи Трамп.
Бидејќи се предвидува дека излезноста на овие претседателски избори ќе биде највисока досега, тоа покажува дека Трамп сепак ја добил поддршката од огромен број Американци.