Ти ќе бидеш првиот што ќе оди во затвор кога заштитените бели мечки од твојата криминална клика ќе треба да бидат повикани на одговорност. За вакви договори и ваков закон нема да има милост и ќе има одговорност за сите што го случиле овој договор, да се плаќаат пенали со народни пари за некој да се богати, му рече Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на вицепремиерот Груби
Дали тој проект ќе биде реализиран за побрзо, побавно и поскапо, зависи од блокадата која во ова Собрание ја прави вашиот шеф Димитар Апасиев, а која вие ја поддржувате. Уште еднаш ќе ви кажам зошто ја поддржувате. Одите таму во амбасадите и предете како мачиња, ние се поддржуваме, а овде викате ‘ама знаете, Левица ги поднесе амандманите, ние сега нема што да правиме’. Затоа ќе си застанете еднаш зад стратешките интереси на државата, одговори Ковачевски на едно на пратеничките прашања од опозицијата
Собраниската говорница и овој последен четврток во месецот беше резервирана за пратенички прашања каде што се водеше жестока дебата меѓу власта и опозицијата, а клучната темата беше договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на коридорите 8 и 10-д.
Пратениците од опозицијата велеа дека изградбата на коридорите според договорот е многу скапа, но истакнаа и дека се сомневаат и во корупција и криминал. Власта, пак, се бранеше дека изградбата на коридорите 8 и 10-д е стратегиски интерес за државата и ги повикаа опозициските пратеници барем еднаш да застанат зад ваквите интереси.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, рече дека предложените закони за експропријација, како и законот за работни односи, поднесени заради договорот со „Бехтел и Енка“ кој го склучи владата, се неуставни.
„Од власта презеле обврски за кои државата ќе плати пенали, иако знаеле дека се неуставни. За вакви договори и закони ќе има одговорност“,
рече Стојаноски.
Тој рече дека поднесениот Закон за експропријација има два спорни члена, член 2 каде што веднаш во владение се предава имотот подложен на експропријација и без одлуката да стане правосилна, а во членот 3 се израмнува статусот на легалните и бесправно изградените објекти.
„Јавноста треба да знае дека на овој начин исто ќе се обесштетуваат и легалните и нелегалните градби. Според она што го кажаа владините функционери, 45 отсто од трасата ќе поминува на приватен имот, доколку се знае каде поминува тоа значи дека во наредниот период може да има наплив на дивоградби и согласно предложениот закон да добијат обесштетување како легалните кои платиле давачки и извадиле дозвола“,
рече тој.
Стојаноски посочи дека ништо нема да ги спречи оние кои се блиски до власта, а поседуваат имоти, да почнат да градат карабини за да веднаш потоа добијат обесштетување.
Пратеникот Стојаноски се обрати и до вицепремиерот Артан Груби прашувајќи го зошто предложил закон спротивно на одлука на Уставен суд и се согласил да плати големи казни.
„Ти ќе бидеш првиот што ќе оди во затвор кога заштитените бели мечки од твојата криминална клика ќе треба да бидат повикани на одговорност. За вакви договори и ваков закон нема да има милост и ќе има одговорност за сите што го случиле овој договор, да се плаќаат пенали со народни пари за некој да се богати“,
рече Стојаноски.
Премиерот Димитар Ковачевски рече дека договорот со „Бехтел и Енка“, како и секој договор подразбира приватност и доверливост.
„Тоа го има секој договор потпишан меѓу која било влада со која било меѓународна голема мултинационална компанија, во кои одредени делови мора да бидат доверливи“,
рече Ковачевски.
Одговарајќи на пратеничко прашање на Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски посочи дека се работи за странски сериозни и реномирани компании и додаде дека ова е пракса и на другите договори кои тие ги практикувале и во други земји. Тие доверливи информации се однесуваат на технологијата на работа на секоја договорна страна, на начинот на нивните пресметки, и тоа, како што нагласи, не е никаков криминал и корупција.
Премиерот потенцираше дека ова не прв ваков договор кај нас и додаде оти мора да се почитуваат деловните тајни на компаниите.
„Но, тоа во никој случај не значи дека Владата крие нешто што е од интерес на јавноста и нешто што би имало некакви негативни ефекти врз граѓаните. Клучните елементи од договорот кои се од интерес за јавноста никогаш не биле тајна, како што е вредноста на договорот, начинот на реализација на договорот, како ќе се трошат парите на граѓаните“,
рече Ковачевски.
Во однос на транспарентноста, премиерот потенцира дека нема ништо тајно.
„Овој договор се подготвува две години, од носењето на специјалниот закон, преку Управувачкиот комитет, преку потпишувањето на договорите со надзорот и со ‘Бехтел и Енка’, сите клучни точки и суштината беа пред очите на јавноста“,
рече Ковачевски.
Ковачевски тврди дека сите постапки со овој договор се испочитувани согласно законот донесен од пратениците од ова Собрание.
Премиерот Ковачевски потсети на поднесените амандмани од Левица и додаде дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се кријат за нив. Според него, Димитар Апасиев ја води дебатата и ги води постапките на вкупната опозиција која, како што рече, седи на левата страна во Собранието.
„Дали тој проект ќе биде реализиран за побрзо, побавно и поскапо, зависи од блокадата која во ова Собрание ја прави вашиот шеф Димитар Апасиев, а која вие ја поддржувате. Уште еднаш ќе ви кажам зошто ја поддржувате. Одите таму во амбасадите и предете како мачиња, ние се поддржуваме, а овде викате ‘ама знаете, Левица ги поднесе амандманите, ние сега нема што да правиме’. Затоа ќе си застанете еднаш зад стратешките интереси на државата“,
рече Ковачевски.
Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ го праша Ковачевски кој е премиер, дали тој или Груби.
„Ако сте вие, тогаш зошто не ја послушавте вашата министерка Славица Грковска која рече дека овој договор мора да се објави јавно, а го слушате Груби“,
праша Панова.
На ова Ковачевски рече дека тој е премиер на Република Северна Македонија и дека така ќе биде до 2024 година кога ќе има редовни избори, а дека и потоа пак ќе биде премиер до 2028 година кога повторно ќе има избори.
Додека Ковачевски одговараше на прашањето на Панова, одеднаш се осврна на влегувањето на пратеникот на Левица во собраниската сала.
„Дојде лидерот на опозицијата. Добар ден, господин Апасиев, како сте?“,
рече Ковачевски по што продолжи со одговарање на прашањето.
Ковачевски нагласи дека договорот со „Бехтел и Енка“ е потпишан согласно закон, ги поминал сите филтри кои се потребни и потоа министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта го имаат потпишано. Тој договор на барање на Јавното обвинителство е во постапка на доставување од страна на Јавното претпријатие за државни патишта.
Според премиерот, на крајот ќе има проект кој ќе биде реализиран, а динамиката на проектот ќе зависи од блокадата која, како што им рече на опозициските пратеници, „во Собранието ја прави вашиот шеф Димитар Апасиев, а вие ја поддржувате“.