Се` уште чадат трупови на стогодишни буки на Малешевските планини. Пожарите што беснееја изминатиов период уништија осумстотини хектари шума и пасишта во овој регион на истокот на државава. Шумарскиот инженер Ѓоко Портарски, кој во јавното претпријатие е одговорен за овој реон, со неверување гледа во остатоците од неговата децениска работа.
„Овој помладок, после пуштањето на стеблата оставени за семе, обновата е успешна, природата го направила своето, ние како шумарство својата улога сме ја одиграле, сме отвориле простор за обнова на подмладокот, меѓутоа овде не му останува на човек ништо освен да тагува, да седне вака, да гледа и да тагува.“
Портарски вели дека минатогодишната тревна вегетација сега е потполно сува и затоа ветерот лесно ги шири пожарите. Досега се соочувале со примери за намерно палење на шумите од дрвокрадци, кои по пожарите ги собирале здравите остатоци.
„Во минатото сме имале такви примери. Се претпоставува дека луѓето пекогаш сакаат да дојдат до дрвна маса, но ова не е начин.“
Дали повторно станува збор за таков случај, не сакаше да коментира. Огнот проголтал дрвна маса еднаква на таа што беровското шумско ја сече на годишно ниво.
„Како дрвна маса, ако ги наредиме 27 километри должни, во висина од 1 метри и ширина од 1 метро, колкава е таа дрвна маса, меѓутоа тоа е сепак еден многу мал дел на штета настаната во природата. Големата штета е појавата сега на ерозии, оваа целата територија од 800 хектари, следните поројни дождови целото ова црнило ќе го влее во Брегалница и Брегалница понатака надолу.“, вели Портарски.
Пожарот уништил уште една гранка од која беровското шумско претпријатие остварувало приходи – производство на етерични масла од смрека, кои имаат лековити и козметички својства.
„Од сто килограми смрека juniperus communis, тоа е сината смрека, се добива кило ипол, до кило и шесто масло. Нема, за догодина нема, тоа е изгорено.“, вели Владо Клинчарски – директор на шумската подружница „Малешево“.
Клинчарски и Портарски, едниот актуелен, другиот поранешен директор на шумското – пoдружница „Малешево“, меѓу првите излегле на непристапниот терен на кој избувнал пожарот. На тоа ги обврзува и Годишниот оперативен план, според кој, Македонски шуми треба први да направат увид и да почнат со гасење.
Но, подружницата во Берово располага со само едно возило и тоа со капацитет од 300 литри вода. И покрај тоа, сметаат дека со мала инвестиција Берово може да стане регионален центар за превенција од пожари, зашто има инфраструктура која треба само да се приспособи. Централната власт ветила помош од 30 илјади евра за таа намена.
„Ни требаат уште најмалку две возила вакви и најверојатно ќе имаме околу 10 вработени и тие при појавување на пожар нема да работат други пожари туку ќе бидат сконцентрирани на оваа дејност.“, вели Клинчарски.
Без возила, поради непристапниот терен, се гасеа и пожарите во Сирхан, во Преспанскиот регион. Викендичката на Дамјан Симоновски пред десет дена била опколена со пожари – еден во Националниот парк Галичица, друг во Паркот на птиците Езерани.
„Штетите се огромни, скоро целиот природен резерват Езерани што е за птици е изгорен, што значи се што е јајца, трска за да се обнови леглото, ќе треба време. Голeма опасност имаше, на самата линија до викендиците, и после третиот ден двапати бувна до викендиците, значи ние уствари четири дена гасевме пожари во Сирхан.“, вели Симоновски.
Доброволците го гаселе пожарот во придружба на вработените од Националниот парк. Низ дабовата шума на Галичица нема простор за пожарната.
„Ако не го исчистиме ние теренот, постои голема опасност да префрли, ако префрли позади веќе нема пат и тешко дека некој ќе запре да не изгори брдото. А веќе и од брдото повторно постои опасност во села, во населени места да се симне пожарот. Не е малку, одовде ако поминеме, сигурно уште 700-800 метра изгорено, надоле до езеро се е изгорено и нагоре до врвот на Калето е изгорено, тоа е негде околу 1 100 метри врвот на калето.“, ни објасни Симоновски.
Неговиот прв сосед директно ги обвинува државните институции за пропустите.
„Оваа држава, ако е држава, треба сегде, имаат катастарски парцели кој горел да го казнат. Намерно е, намерно е запалено, не е случајно запалено.
-Зошто некој намерно би палел?
Има разни причини, да не кажувам јас многу. Туку, не знам како може, да нема еден канадер, три национални парка ,две езера, само со два-три налета може да го изгаснат пожарот. Ние одиме, месново население највеќе помогна и шумарите. Друго, пожарна до овде може да дојде, нагоре нема пат за пожарна да гаси.“, вели Димитар Андреев-сопственик на викендичка во Сирхан.
Преспанскиот регион изгуби 300 хектари шума и пасишта во пожарите изминатиов месец. Градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, смета дека причина е човечки фактор. Избегна да одговори кој е мотивот да се предизвика пожар, но и за него е неспорно дека условите за превенција мора да се подобрат.
„Разговарав јас веќе и со надлежни институции, авторитети и веќе размислуваме како да покриеме, бидејќи сега знаеме со новата технологија има системи за рана превенција за укажувања од можни жаришта, каде може да се појави пожар и друга временска непогода, така што многу треба сите да размислиме околу ова и брзо да интервенираме да најдеме решенија.
-Но, конкретно решение во моментов немате ни вие.
Во моментов капацитетите на општина Ресен, како и на многу други општини, се тие.“, вели Гошаревски.
„360 Степени“ веќе објави за очајната состојба на противпожарните единици во цела држава. Просечната старост на возилата е 27 години, а добар дел се обезбедени од донации, откри анализата на Центарот за граѓански комуникации. Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување вети дека ќе ја разгледа опцијата за враќање на противпожарната заштита во надлежност на централната власт. Воздушно, пак, државата има три авиони за гасење пожари, од кои едниот честопати е во дефект.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски не сака да ја коментира изјавата на неговиот претпоставен, министерот Оливер Спасовски за партиско-политичка позадина на зачестените пожари изминатите недели.
„Околу деталите во кривичните пријави тоа е веќе надлежност на -Обвинителството.
Но, министерот изјави.
Значи околу деталите за тоа причини, конкретно кога веќе ќе ја поднесеме во Обвинителството, ќе одговори Обвинителството.“, рече Ангеловски.
Квалификацијата на делата се прави во координација со Јавното обвинителство, вели Ангеловски, по критиките во јавноста откако порталот prizma.mk објави дека потпалувачите се гонат за предизвикување општа опасност, а не за предизвикување пожар, за што и казната е поголема.
Јавното обвинителство минатата година имало вкупно 23 предмети за пожари во целата држава и сите обвинети биле гонети за предизвикување општа опасност.
Во првите три месеци од оваа година отворени се 8 предмети, без Скопскиот регион за кој се уште се сумираат податоците. И повторно доминира делото – предизвикување општа опасност, освен во еден случај во Прилеп во кој се гони за тешки дела против општата сигурност. Од обвинителството ни одговорија дека квалификацијата на кривичното дело зависи од доказите и фактите во секој предмет поединечно, особено за местото на пожарот, намерата на сторителот, штетата и другите последици.
Според податоците од Македонски шуми, во март во земјава имало 128 пожари, што е рекорден број во период од само еден месец. Под оган биле 2.817 хектари, од кои речиси половина во беровско и преспанско. И додека се чека зголемување на капацитетите, шумските подружници се обидуваат со постојните капацитети да се организираат што е можно подобро при евентуален нов бран пожари.
Напишете коментар