Тошковски е адвокат и претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ, а Велковски е вработен во Министерството за труд и беше прв генерален секретар на Град Скопје по доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничкото место
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва ги објави кандидатите за министерските места во техничката влада која треба да биде избрана најдоцна до недела на полноќ.
За министер за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, а доколку биде избран на собраниската седница в недела, со Министерството за труд и социјална политика во 100-те дена до парламентарните избори ќе раководи Ѓоко Велковски.
Нивните имиња се познати во јавноста, пред сè, во рамките на нивниот политички ангажман и функциите кои ги извршуваа.
Имено, Панче Тошковски е адвокат и претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ. Како адвокат, тој можеше да се види во судниците како бранител на дел од обвинетите во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Освен во Кривичниот, Тошковски често беше и во Граѓанскиот суд каде што застапуваше членови и функционери на партијата во повеќе парнични постапки. Една од нив е и онаа во која министерката за одбрана Славјанка Петровска го тужеше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Неколку месеци пред парламентарните избори во 2020 година, Тошковски се најде во средината на обвинувањата кои дојдоа од СДСМ и од тогашниот претседател на партијата Зоран Заев. Обвинувањата беа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во периодот додека бил директор на АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), сега Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), прво склучил договор за адвокатски и советодавни услуги со Тошковски во износ од 1,6 милиони денари или 25 000 евра, за период од две години. Пет месеци подоцна, како што тврдеа тогаш од СДСМ, односно во март 2017 година, Мицкоски склучил нов договор со адвокатот, вреден 8 850 000 денари или 143 000 евра, за адвокатски услуги.
Тошковски ги отфрли ваквите обвинувања, оценувајќи ги како целосно неточни, измислени и манипулативни.
Тој реагираше дека нему адвокатурата му е професија, додека за врвот на СДСМ криминалот е професија од која функционерите се богатат на грбот на чесните граѓани.
„Вистината е дека се работи за склучени два потполно различни договори, по отворена транспарентна постапка и кога почнува вториот договор, се раскинува првиот. Впрочем, тоа е договорот по кој работев како адвокат до пред 6 месеци, длабоко во мандатот кога Заев е премиер. Сигурен сум дека ако имало барем тронка неправилност, тронка нарушување на процедурите, СДСМ со нејзините алатки во правосудството немаше да жали средства да направи прогон и за овој случај, a и нема да ме чуди да направат монтажа, како што тоа го прават редовно и често, но залудно“,
велеше Тошковски во реакцијата во февруари 2020 година.
Инаку, пред неколку дена тој можеше да се види во друштво на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, на литургија со која во црквата „Светите Апостоли Петар и Павле“ во скопската општина Ѓорче Петров чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан.
Литургијата беше на празникот Свети Јован Крстител на 20 јануари, чие име го носи поголемиот син на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој на социјалните мрежи сподели фотографии од настанот, а на една од нив во друштво на партискиот лидер е и Тошковски.
За кандидатот на опозициската партија за министер за труд и социјална политика во медиумските архиви сè уште свежи може да се најдат објавите кога стана генерален секретар на Град Скопје. Имено, тој беше првиот што ја извршуваше оваа функција кога по локалните избори во 2021 година градоначалничка на Скопје, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, стана Данела Арсовска. На фунцкцијата остана до средината на септември 2022 година, кога даде оставка од позицијата, а од администрацијата на Арсовска, пак, сооштија дека бил разрешен, поради негово влијание во спорна тендерска постапка за изградба на пречистителната станица во вредност од 136 милиони евра, средства обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.
Смената на Велковски, но и на други лица од директорските функции на јавни претпријатија под надлежност на Град Скопје, го означија разидувањето на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ, партијата со чија помош дојде на градоначалничката функција.
Велковски тогаш ги отфрли обвинувањата на Арсовска како клеветнички и најави тужба против градоначалничката.
„Со индигнација ги отфрлам тврдењата дека на кој било начин сум работел несовесно и сум влијаел на процесот за избор на компанија за пречистителната станица. Се работи за клеветничка изјава која го нарушува мојот углед и чест. Оттука, а согласно одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, член 13 и 14, барам од Арсовска во целост да ја повлече изјавата и да се извини за невистините и лагите кои ги шири и со кои ја манипулира јавноста. Во спротивно, доколку не постапи по ова барање во законски предвидениот рок од 48 часа, ќе поднесам тужба за утврдување граѓанска одговорност за клевета“,
напиша тогаш Велковски на Фејсбук“.
Велковски тогаш рече и дека сам се повлекол поради разочараност од слабиот потенцијал и несоработката со градоначалничката која покажувала затвореност, слаба динамика и поинакви приоритети од ветените. Најави дека ќе продолжи да придонесува за градот преку советничкото место во Општина Чаир.
Но, пред да стане генсек на Град Скопје, Велковски се најде на мета на СДСМ, која го спореше токму неговото именување на функцијата генерален секретар на Градот. Од владејачката партија во мај 2022 година посочија дека тој не може да биде избран на оваа функција бидејќи е актуелен член на Советот на Општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата побараа Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да отвори предмет за случајот, а Велковски да избере дали ќе поднесе оставка од генерален секретар или ќе се повелече од советничкото место во Општина Чаир.
Ианку, неговото име сè уште фигурира како советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Чаир.