Претседателот го изјави ова откако вчера лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски го повика Пендаровски да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д, кои се во собраниска процедура
Пендаровски додаде дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони поврзани со изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, а во консултација со својот правен тим потоа ќе одлучи дали да го потпише указот за овие закони или не
Кога потпишувам укази за закони, обично не примам совети од никого, а најмалку не од политички партии, изјави денеска шефот на државата Стево Пендаровски коментирајќи го барањето кое му беше упатено од страна на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој од него побара да не го потпишува указот за законите поврзани со коридорите 8 и 10-д, кои се во собраниска процедура.

Лидерот на опозицијата вчера го повика претседателот на државата да не ги потпишува законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д кои се во собраниска процедура.
„Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правниот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата“,
изјави вчера првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Прашан како го коментира ваквото барање, Пендаровски денеска нагласи дека обично не прима совети од никого, а особено не од политички партии во врска со потпишувањето на указот за важење на одреден закон.
Претседателот додаде дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони поврзани со изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“, а во консултација со својот правен тим потоа ќе одлучи дали да го потпише указот за овие закони или не.
„Кога ќе ги донесат законите во конечна верзија и кога ќе ги изгласаат во парламентот, тогаш ќе седнеме со мојот правен тим и ќе видиме дали има основа за такво нешто. Инаку, во однос на потпишувањето укази за важење на законите, обично не примам совети од никого, а најмалку од политички партии“,
нагласи претседателот на државата, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Универзитетот на Југоисточна Европа..
Пред неколку дена претседателот Стево Пендаровски изјави дека се спорни дел од предложените измени на осумте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Најспорен, според него, е предлог-законот за работни односи кој предвидува продолжување на работната недела од 40 на 60 часа за работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот со „Бехтел и Енка“.