Говорејќи во оваа насока, претседателот потсети дека од земјава биле депортирани над 7 000 мажи, жени и деца и однесени во логорот на смртта во Треблинка. За да има помирување, порача тој, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада на Софија во тоа време за депортацијата на македонските Евреи
Кога луѓето не се спротвиставуваат на неправедните системи, стануваат или активни соучесници или пасивни набљудувачи, порача, меѓу другото, шефот на државата Стево Пендаровски во своето обраќање од денешниот настан по повод одбележување на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи.
Говорејќи во оваа насока, претседателот потсети дека од земјава биле депортирани над 7 000 мажи, жени и деца и однесени во логорот на смртта во Треблинка. За да има помирување, порача тој, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада на Софија во тоа време за депортацијата на македонските Евреи.
„Дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?“,
рече Пендаровски во својот говор.

Во своето обраќање Пендаровски нагласи дека меѓу шесте милиони Евреи кои настрадаа во холокаустот беа и нашите сонародници и додаде дека никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија.
„Првиот чекор бил дискриминација. Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови. Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања, Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни. Третиот чекор бил дехуманизација. Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставувале 98 проценти од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна“,
нагласи во своето обрќање претседателот на државата.
Нагласи и дека се наоѓаме во критично време кога бројот на преживеани сведоци на Холокаусот се намалува, а антисемитизмот се зголемува. За децата и учениците да се заштитат од „опасниот вирус на антисемитизмот“, додаде Пендаровски, потребно е да се едуцираат преку преку наставната програма и задолжителна посета на Меморијалниот центар на холокаустот.
Шефот на државата потсети и на моралната обврска која ја имаат граѓаните, а тоа е, како што рече, да не забораваат и да не дозволат никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството.
Освен претседателот Стево Пендаровски, свои обраќања по повод денешниот настан имаа и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, претседателот на парламентарната група за пријателство Израел – Северна Македонија, Хамад Амар, како и Ернест Херцог од Светскиот еврејски конгрес, Мариа Багдасарова од Европскиот еврејски конгрес и Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во земјава.
Денешниот целодневен настан по повод одбележувањето на 80-годишнината на депортацијата на македонските Евреи започна со поворка на живите од Музејот на Град Скопје.
Одбележувањето ќе продолжи на Градските гробишта „Бутел“ каде што ќе биде положено цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи и пред споменикот на паднатите борци во НОБ.
Одбележувањето ќе се заокружи со комеморативен концерт во Националаната опера и балет со почеток од 20 часот. Свое обраќање од НОБ се очекува да има премиерот Димитар Ковачевски, амбасадорката на Израел, Симона Франкел, претседателот на Еврејската заедница во земјава Пепо Леви и претседавачот на Американскиот еврејски конгрес, рабин Ендру Бејкер.