Пред десет дена коалицијата „Заедно за европска Македонија“ ја промовираше кампањата во поддршка на референдумот.
„Сме согласни, заеднички и одделно да ги повикаме граѓаните да излезат и да гласаат за подобра иднина“ – изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев, на 30.08.2018 година..
„ Сите ние што сакаме и се ангажираме за заедничка Македонија и интегрирање во НАТО и ЕУ, денеска сме заедно“ – изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во истата прилика.
Кампот „За“ оттогаш ги убедува граѓаните – зошто треба да гласаат за договорот со Грција… На терен, нема активна кампањата „Против“. Но, и без одлука дали ќе учествува, ВМРО-ДПМНЕ убедува дека договорот со Грција не е добар.
„Има една дилема и секогаш ме прашуваат каде и да одам. Дали сте за Европската Унија и за НАТО? Да. Еве ви одговарам, и за Европската и за НАТО ама сме жестоко против овој капитулантски договор Ципрас-Заев.“- изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на митингот во Кичево на 02.09.2018 година.
Прашината што ја крена политичката битка веќе ги покрива фактите – што навистина пишува во договорот, а што велат политичките кампови дека пишува.
ДРЖАВЈАНСТВО
Дали со договорот Македонците ќе станат „северномакедонци“? Ова прашање е предмет на најжестока дебата уште пред кампањата, а со тоа и предмет на „најкретивни“ читања, според потребите. Добра илустрација е неодамнешната дебата на ТВ Телма меѓу Игор Јанушев од ВМРО ДПМНЕ и Александар Кирацовски од СДСМ.
Игор Јанушев: Кирацовски, Како ве пишува вас во пасош?
Александар Кирацовски: Македонец.
И.Ј.: Како ќе ве пишува понатаму?
А.К.: Македонец.
И.Ј.: Зошто ја лажете јавноста?
А.К.: Не ја лажеме јавноста.
И.Ј.: Ја лажете јавноста и грубо шпекулирате. Значи, нема да ви пишува Македонец, ќе ви пишува северномакедонец.
А.К.: Македонскиот национален идентитет е зачуван…
И.Ј.: Дали во иднина, ако ова дозволиме да помине, нема да бидете северномакедонец во пасош?
А.К.: Никогаш. Ќе бидеме Македонци, Македонец, крос граѓани на Република Северна Македонија.
Ако се погледнат важечката законска регулатива и договорот со Грција, лесно се доаѓа до заклучок дека во дебатата и двајцата соговорници ги „искривуваат“ фактите. Јанушев дека ќе пишува северномакедонци, Кирацовски дека ќе остане Македонци. Всушност, погрешно е појдовното тврдење на двајцата – дека сега во пасошите пишува Македонци.
Иако повторено повеќепати, и двајцата го игнорираат фактот дека во пасошите и личните карти нема графа за етничка припадност, туку за државјанство. На пример, во актуелниот биометриски пасош на ова лице во графата државјанство пишува – македонско. Во стариот син пасош на истото лице, во графата државјанство пишуваше – Република Македонија. Две различни формулации за исто лице со иста етничка припадност. Доказ дека државјанството, а не етничката припадност е предмет на опис во патните исправи е и оваа лична карта и пасош на државјанин на Македонија, етнички Албанец. Во посочената графа и таму пишува „македонско/maqedonisë/macedonian“, бидејќи се опишува државјанството, а не етничката припадност.
„Сепак, факт е дека со договорот, формулацијата за државјанството ќе се смени. Нема да остане ниту „македонско“ но нема да биде ниту „северномакедонско“ туку, според член 1, став 3, алинеја б од договорот со Грција: ќе биде „македонско/граѓанин на Република Северна Македонија“.
ИДЕНТИТЕТ
Сепак, прашањето за државјанството, во јавната дебата, упорно се поврзува со темата за етно-културниот идентитет на македонскиот народ. Коалицијата „За“ тврди дека тој е целосно заштитен со договорот, а ВМРО-ДПМНЕ дека е комплетно поништен.
„Во членот 7.2 стои „македонски“ идентитет, потврден, на оваа територија, со јазик посебен, со култура посебна, наша националност посебност, целосно, со сите атрибути.“- изјави премиерот Зоран Заев во Валандово, на 01.09.2018 година.
„За нас овој договор преставува тотално поништување на македонскиот национален идентитет и се бара од нас, од Македонецот, сам да си направи сопствена лоботомија. Сам да се лоботомизира и да заборави на она што бил претходно.“ – изјави Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ, на неодамнешен јавен настап на дебата на ТВ 24.
Според договорот, факт е дека јазикот ќе продолжи да се означува со чиста формулација – македонски јазик, без фусноти и преведлива на сите други јазици. Придавката „македонски“ ќе може да се користи за означување на народот, културата, историјата, наследството, но со членот 7 тоа е ограничено на словенски контекст.
„Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на Јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна“ – се вели во член 7, став 4 во Договорот.
Со етно-културниот идентитет е поврзана уште една точка, за која кампот „За“ речиси и да не зборува, а опозицијата ја споменува во секоја можна прилика – а тоа е ревизија на учебниците.
Точно е дека договорот предвидува корекции во учебниците кај содржините кои ќе бидат утврдени како иредентистички. Но, точно е и дека оваа обврска ќе важи реципрочно за двете страни, односно и Македонија ќе може да бара корекции во грчките учебници.
За тоа што е спорно во учебниците или во други публикации, ќе одлучува заеднички комитет на експерти кој беше формиран денеска, иако требаше да биде во функција веќе еден месец по потпишувањето на договорот.
ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ
Судирот на ставовите меѓу власта и опозицијата за договорот од Преспа произведе и нов термин. Тоа е т.н. институционален идентитет за кој говори претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ајде излезете и кажете, дали го заштитивте институционалниот идентитет. Дали нема да биде Влада на Република Северна Македонија и ќе остане Влада на Република Македонија. Дали нема да биде Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија и ќе остане Македонска Академија на Науките.“ – изјави Христијан Мицкоски во Кичево (02.09.2018 г.)
Власта речиси и воопшто не реплицира на ова тврдење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Причината, најверојатно, е во фактот дека сите државни институции и јавни претпријатија што ги содржат придавката „македонска/македонски“ или актуелното име на државата Република Македонија, ќе треба или да ги тргнат или да ги заменат со новото име – Севрна Македонија или Република Северна Македонија. Така, Македонска Академија на науки и уметности ќе биде или само Академија на науки и уметности или Академија на науки и уметности на Северна Македонија. Македонска Радио Телевизија ќе треба да се смени, најверојатно, во Радио Телевизија на Северна Македонија..
Но, точно е и дека не може да се најде дефиниција на „институционален идентитет“ во смислата за која зборува првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, поглед само во регионот, покажува дека нема воедначена пракса- каде се користи придавка а каде името на државата.
На пример, актуелното решение во Македонија за името на јавниот сервис – Македонска Радио Телевизија, е исто како во Хрватска со Хрватската Радио Телевизија. Но, од друга страна јавниот сервис во Србија е Радио Телевизија на Србија, а во Словенија – Радио Телевизија на Словенија.
Иако во суштина користењето на придавката во имињата на МАНУ или на МРТ е реферирање кон државата, а не кон мнозинскиот народ во неа, ова прашање е чувствително и од овој аспект во Македонија.
Дебата меѓу Стево Пендаровски и Љупчо Ристовски на ТВ 24 (03.09.2018)
Стево Пендаровски: Значи, што се случи 92-ра кога правевме Армија. Имавме закон за одбрана во кој Армијата беше именувана во првиот драфт како Македонска армија. 23,24 пратеници на тогашна ПДП-НДП се заканија со излегување од Собранието кога рекоа дека ако е така, перцепцијата на луѓето, Албанци и други е дека тоа е армија само за Македонци, не очекувајте да служиме. Го сменивме тоа за да имаме поголема инклузија во таа државна институција, не етнизирала, и сега се вика Армија на Република Македонија.
Љупчо Ристовски: Ама немојте да ја врзувате придавката македонски само со етносот. Нема само и основна етничка конотација. Па сега вие ќе ја извадите на таа основа, затоа што постојат и Албанска етничка заедница и национални малцинства во Македонија. Не. Постои македонски народ. Дали постои?
С.П.: Ама …
Љ.Р.: Дали македонски народ како кованица во преамбулата ќе остане. Тоа не одговарате?
С.П.: Како нема да остане. Пред пет минути го кажав тоа.
Љ.Р.: Вие рековте македонскиот јазик.
С.П.: И Македонскиот народ ќе остане во преамбулата, само што името на државата, не на народот, ќе го следи ова што е договорено и ќе има додавка Северна.“
И додека придавката „македонски“ нема да може да се користи во имињата на државните институции и јавните претпријатија, таа останува во употреба во приватниот, невладиниот и други не-државни сектори. За пример, најголемата опозициска партија нема да треба да си го смени името – Внатрешно македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство. Но, СДСМ ќе замине во историјата, бидејќи го користи името на државата, па ќе треба да биде или само Социјал-демократски сојуз или Социјал-демократски сојуз на Северна Македонија.
Сите овие прашања ќе бидат уредени во уставните измени, согласно договорот. Но и покрај повиците од опозицијата, власта се уште ја нема објавено точната содржина на уставните амандмани, особено за преамбулата.
Напишете коментар