Барањето на оризопроизводителите е да се одреди откупната цена пред да почне жетвата, бидејќи како што велат, производствената цена е повисока од откупната, а бараат и средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски
Од протестот на оризопроизводителите со поддршка излегоа од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, каде потпретседателката на партијата Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека ги поддржуваат оризопроизводителите, а оти земјоделците имаат право што се чувствуваат изневерено
Со блокада на патот Штип-Кочани денеска кочанските оризопроизводители излегоа на протести, незадоволни од, како што велат, ниската откупна цена на белиот ориз и на оризова арпа.
Според Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за спас на оризопроизводството, производствената цена е повисока од откупната. Барањето на оризопроизводителите е да се одреди откупната цена пред да почне жетвата, а бараат и средба со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
„Ланската реколта беше откупувана од 15 до 18 денари, а сега се откупува од 20 до 22 денари, кој може да опстане, истото е и со пченицата, тутнот, грозјето. Буквално целото земјоделие е во колапс“,
вели Арсов.
Оризопроизводителот, Стојче Ташовски вели дека секој ден им се трупаат долговите, а земјоделците тонат во сиромаштија и не можат да си платат пензинско и здравствено осигурување.
„Цената на жетвата оваа година ќе се покачи, заради тоа што нафтата е зголемена, а исто и трошоците за комбајни. Јас не знам како ќе почнам жетва оваа година. Една вреќа е 15 денари, пластична 20 денари, а кило оризова арпа е 20 денари. Тоа е срамота. Зелена нафта никој нема добиено, тоа е само пропаганда на власта“,
вели Ташовски.
Подрршка на оризопроизводителите дадоа и земјоделци од другите региони од државата, кои порачаа дека македонскиот аграр е банкротиран, упатувајќи порака до граѓаните оти „ќе бидеме гладна нација и ќе немаме пари да се прехраниме“.
За тоа дека и лозарите се во иста ситуација како и оризопроизводителите без оформена откупна цена, порача Дане Јошев од регионалното Здружение „Тиквешки лозар, овоштар“ од Кавадарци.
„Бербата ќе почне од понеделник, плус не е платена зелената нафта, регистриран млад земјоделец плус 20 посто не е исплатено, редовните субвенции што беа за контрола 1 800 души не се исплатени. Лани немавме приноси од негрижата на Водостопанство, имавме суша, елементарна непогода и за тоа се поднесени документите и за тоа немаме ништо“,
вели Јошев.
Нове Јошевски, пак, пчелар од Кавадарци забележа дека годинава била катастрофална за пчеларите, истакнувајќи дека оваа година имаат големи загуби на територија на целата земја. Посочи дека пчеларите немаат добиено субвенции, а, како што вели, оваа година беше медна, но, немаше пчели. Најавуваат и повисока цена на медот.
„Сега тегла мед е 600 денари, а треба да биде барем 1.000 денари, за да бидеме рентабилни и со таа цена ќе постигнеме нешто“,
вели Јошевски.
Од протестот на оризопроизводителите со поддршка излегоа од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, каде потпретседателката на партијата Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека ги поддржуваат оризопроизводителите, а оти земјоделците имаат право што се чувствуваат изневерено.
„Земјоделците имаат право што се чувствуваат изневерено, не е тоа случајно, оваа влада во континуитет со години зборува и ветуваше дека ќе имаат сигурен откуп, сигурен пласман, сигурни цени, а денес имаме ситуација каде што одредени моќници кои што ги нарекуваме нели ‘откупупувачи’, блиски до власта заработуваат на грбот на напатените, значи земјоделци, чесни земјоделци кои што со пот и труд се трудат да ги произведат оние производи кои што во исто време и поготово во оваа голема економска криза нели треба да ги обезбедиме заради тоа што навистина ќе имаме една тешка и пред нас ни престои една тешка зима“,
кажа Димитриеска-Кочоска.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи таа, го поддржува протестот и бара итна реакција од владата во насока на поддршка на земјоделците.
„Бараме и реформи, ако имаше 100 000 евра да се потрошат точно во оваа криза за некакви прослави кои што во овој момент се безначајни веднаш да реагираат и да излезат со поддршка на земјоделците“,
заклучи таа.
Кочанските оризопроизводители утринава од 10:15 часот со 12 земјоделски машини го блокираа регионалниот пат Штип-Кочани со што го искажаа своето незадоволство.