Во однос на Извештајот на Европската комисија, министерот на прес-конференцијата рече дека според анализата што ја направиле најсимплифицираната квалификација при читањето на документот е дека има напредок, односно дека има благ нагорен тренд
Од клучно значење е зајакнувањето на капацитетите на институциите во земјава за имплементација на реформите поврзани со Европската Унија (ЕУ), изјави министерот за европски прашања на денешната прес-конференција на која заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ ги презентираше оценките од Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава во 2024 година.

Прашан за коментар на критиките до Министерството дека нема капацитети да се носи со процесот на реформи, Муртезани рече дека овие забелешки биле дел од извештаите на ЕК години наназад, но, со оглед дека земјава сега треба да се подготвува за отворање на првиот кластер „Темели“, зајакнувањето на капацитетите на институциите е клучно.
Тој потсети дека и на неговата прва прес-конференција како министер за европски прашања алармирал дека дека структурите ИПА и евроинтеграции се под минималните капацитети за да може да се носат со предизвиците за успешна имплементација.
„Истиот феномен го гледам и сега кога веќе воспоставувам структура и се интензивира процесот на координација на институциите за спроведување на реформската агенда, а ова е разговарано неколку пати на седница на Влада. Оваа структура ќе мора да се зајакне, меѓутоа ќе мора да се зајакне со професионален кадар кој може на директен начин да се вклучи. Сè додека не се зајакне структурата со професионален кадар, ќе мора да се потпреме на поддршката од Европската делегација, меѓутоа и на техничката поддршка од различни донатори во нашата земја“,
кажа Муртезани.
Одредени стручни кадри и експерти, преку различни проекти веќе работат во Министерството, а овој број во наредните еден до три месеци треба да се зголеми за се постигне солидна структура која ќе одговори на имплементацијата на реформската агенда и ќе се засили апсорпцискиот капацитет и на Министерството и на останатите институции.
Како што појасни министерот, странски експерти не можат да бидат вработени во Министерството, туку тие можат да бидат ангажирани преку различни проекти, додека дополнителните вработувања на стручен кадар ќе одат преку ова и други линиски министерства.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека ќе се обидат овие стручни кадри да ги најдат во земјава.
„Тоа што не ќе можеме да го најдеме во државата, ќе го бараме преку различни донатори и проекти“,
рече Муртезани.
Во однос на Извештајот на Европската комисија, министерот на прес-конференцијата рече дека според анализата што ја направиле најсимплифицираната квалификација при читањето на документот е дека има напредок, односно дека има благ нагорен тренд.
„Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2024 година е добро ниво на подготвеност, односно 3,22 во споредба со 3,13 во 2023 година. И таа е солидна и константна во однос на повеќе години претходно. Во однос на останатите земји кандидатки од регионот би напоменал дека нашето ниво на подготвеност е се уште највисоко, што е уште еден показател дека Северна Македонија не само што е подготвена за пристапните преговори, туку компаративната анализа укажува на тоа дека имаме кумулиран напредок“,
рече Муртезани.

Извештајот, рече тој, се објавува во еден ден, но неговото читање трае 365 дена, зашто тој не е само оценка за нашите досегашни активности, туку и патоказ за следните чекори на нашиот европски пат и дека клучен момент е како да ги интегрираме овие насоки во нашите политички и економски стратегии.
„Ние сме свесни дека успехот на европското досие зависи од заедничките напори, од Владата, преку Собранието, до граѓанскиот сектор. Преку соработка и отворен дијалог, како основа на нашите напори за унапредување на нашата европска иднина. Само така сонот за членство во Европската Унија може да стане реалност. Јас, како главен преговарач со ЕУ и стручните служби во Министерството за европски прашања, остануваме цврсто посветени на континуираниот развој на нашите капацитети и реализација на стратешките цели на Северна Македонија“,
рече Муртезани.
