Европската комисија минатата година одобри договор со компанијата „Кjурвак“ кој предвидува првично купување на 225 милиони дози на вакцината, со можност за испорака на дополнителни 180 милиони дози откако таа ќе се покаже безбедна и ефикасна
Европската агенција за лекови (ЕМА) соопшти дека започнала со проценка на вакцината CVnCoV против ковид-19, која ја развила германската компанија „Кјурвак“.
Компанијата моментно врши испитувања врз луѓе, за да се утврди безбедноста на вакцината, имунолошкиот одговор и ефикасноста против коронавирусот, а од ЕМА наведуваат дека ќе ги разгледаат податоците од овие и други клинички испитувања штом ќе бидат достапни.
Вакцината на „Кјурвак“ делува така што содржи РНК молекула која се внесува во организмот за да обезбеди информации за производство на протеин кој го користи коронавирусот за да влезе во клетката, а имунолошкиот систем го препознава овој протеин како надворешен и произведува антитела и ги активира Т-клетките против него.
Ако некое лице подоцна дојде во контакт со коронавирусот, неговиот имунолошки систем ќе го препознае протеинот и ќе биде подготвен да го одбрани телото од вирусот.
Европската комисија минатата година одобри договор со компанијата „Кjурвак“ кој предвидува првично купување на 225 милиони дози на вакцината, со можност за испорака на дополнителни 180 милиони дози откако таа ќе се покаже безбедна и ефикасна.