Портпаролот на Белата куќа вели дека првата фаза е испорака до 100 камиони со помош дневно, прецизирајќи дека и тоа не е доволно, но сепак е „драматично подобрување“ во однос на сегашната ситуација
Американскиот Стејт департмент објави дека во Појасот Газа вчера влегле 45 камиони со хуманитарна помош, со што од отворањето на преминот „Рафа“ во Газа се испратени 150 камиони помош.
„Постигнат е напредок во обезбедувањето на испорака на основните резерви на гориво за Појасот Газа. Имаме за цел да ја надминеме таа бројка денес, утре и понатаму“,
рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
Додаде дека САД ќе ги продолжат дипломатските напори со Израел, Египет, Обединетите нации и меѓународните хуманитарни партнери за зголемување на дневните испораки на храна, вода и медицински материјали во Газа.
Во меѓувреме, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност, Џон Кирби, кажа дека САД се уверени оти наскоро ќе има значително зголемување на помошта за Појасот Газа.

Првата фаза, рече тој, е до 100 камиони дневно, прецизирајќи дека и тоа не е доволно, но сепак е „драматично подобрување“ во однос на сегашната ситуација.
„САД ги предводат напорите да се обидат да внесат хуманитарна помош во Газа“,
изјави Кирби за новинарите во Белата куќа.
Портпаролот на Белата куќа повтори дека САД во моментов не поддржуваат прекин на огнот, што според него, ќе биде само од корист на Хамас, но дека треба да се најдат привремени коридори за хуманитарна помош.
Тој, исто така, рече дека САД биле дел од разговорот што доведе до обновување на интернет конекцијата во Газа, откако таа беше прекината во текот на викендот.