Примерок од замрзнати пилешки крилца увезени од Бразил во јужниот кинески град Шенжен се покажа позитивен на коронавирус, соопшти градската власт во четвртокот, зголемувајќи ги стравувањата дека контаминираната пратка со храна може да предизвика нов бран од заразата, јави Ројтерс.
Локалните центри за контрола на болести тестираа површински примерок земен од пилешките крилца како дел од рутинските скрининзи извршени на увезеното месо и морска храна од јуни, кога новиот бран од заразата што избувна во Пекинг беше поврзан со градскиот центар за храна на големо Ксинфади.
Ова се случи еден ден откако беа откриени траги од коронавирусот што предизвикува ковид-19 на пакувањето на замрзнати ракчиња од Еквадор. Кина ги засили скрининзите на пристаништата по зголемената загриженост за безбедноста на храната што се увезува.
Здравствените власти на Шенжен ги тестирале сите луѓе за кои е можно да биле во контакт со потенцијално контаминираните прехранбени производи и сите резултати се негативни, се вели во известувањето од градот.
Бразилската амбасада во Пекинг не одговорила веднаш на барањето за коментар. „Тешко е да се каже во која фаза замрзнатото пилешко се инфицирало“, рече кинески официјален претставник во бразилскиот извозник на месо.
Штабот за превенција и контрола на епидемии соопшти дека јавноста треба да биде претпазлива за да ги намали ризиците од инфекција од увезеното месо и морската храна.
Покрај скринингот на сите контејнери со месо и морска храна, што доаѓаат во поголемите пристаништа во последните месеци, Кина од средината на јуни го забрани увозот на месо од различно потекло, вклучително и од Бразил.
Првиот кластер на ковид-19 беше поврзан со пазарот за морска храна Хуанан во градот Вухан. Првичните студии сугерираа дека вирусот потекнува од производи од животинско потекло што се продавале на пазарот.
Ли Фенгин, кој раководи со микробиолошката лабораторија во кинескиот Национален центар за проценка на ризик од безбедност на храна, во јуни изјави дека не може да се отфрли можноста контаминираната замрзната храна да предизвикува нови инфекции.
Вирусите можат да преживеат и до две години на температура од минус 20 целзиусови степени, но научниците велат дека досега нема силни докази дека коронавирусот што предизвикува ковид-19 може да се шири преку замрзната храна.