Најголемата тешкотија во финализирањето на договорот за продажба на Тик-ток, чија вредност е проценета на десетици милијарди долари, е обезбедувањето согласност од Пекинг, пишува Би-би-си
Официјален Пекинг денеска соопшти дека ја отфрла понудата на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ даде царински олеснувања на Кина во замена за продажба на апликацијата Тик-ток на купувач надвор од Кина, пренесуваат агенциите.

За потсетување, Тик-ток се соочува со забрана во Соединетите Американски Држави, доколку нејзиниот матичен сопственик, кинеската компанија „Бајт денс“ (ByteDance), не се согласи да го продаде својот удел со кој оперира на американскиот пазар, пренесе француската новинска агенција АФП.
„Кога станува збор за Тик-ток, Кина повеќе пати го изрази својот став. Позицијата на Кина против наметнувањето дополнителни царини е исто така кохерентна и јасна“,
изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џианкун.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да ги намали царините што САД ги наметнаа на кинеските производи и да помогне да се затвори договорот за продажба на апликацијата за споделување кратки видеа, која е под закана од забрана во САД.
„Кина ќе мора да одигра улога (во продажбата на апликацијата), можеби ќе треба да ја одобри, и тоа ќе го направат, можеби ќе им дадам малку намалување на тарифите“,
рече Трамп во Белата куќа.
Тој ова го кажа вчера, кога ги објави новите увозни царини од 25 отсто за сите автомобили и автоделови кои влегуваат во САД.
Станува збор за нови тарифи кои се додадени на долгата листа на царини што американскиот претседател ги користи во трговски и политички врски со други земји, пишува АФП.
Кога станува збор за кинеските електрични автомобили, кои веќе подлежат на царини од 100 проценти, со новите давачки, тарифите за нивен увоз во САД сега се зголемени на 125 проценти.
„Ќе имаме некаков договор за задржување на Тик-ток во САД“,
рече Трамп.
Инаку, тој веднаш по неговата инаугурација на 20 јануари одобри матичната компанија на Тик-ток, „Бајт денс“, да продолжи со своите активности уште 75 дена, односно до 5 април, за да може во меѓувреме да се постигне договор за продажба на нејзините операции во САД.
По овој рок, доколку не биде продадена, популарната платформа ќе биде забранета во САД, каде што има 170 милиони корисници. Забраната се заснова на закон што беше донесен лани за време на администрацијата на Џо Бајден, кој, за ваквата одлука, се повика на заштита на националната безбедност на земјата.
Трамп, исто така, рече дека е подготвен да го продолжи рокот за наоѓање некинески купувач за платформата.
Тој рече дека очекува барем контурите на договорот да се видат за време на продолжениот рок до 5 април.

Најголемата тешкотија во финализирањето на договорот за продажба на Тик-ток, чија вредност е проценета на десетици милијарди долари, е обезбедувањето согласност од Пекинг, пишува Би-би-си.
Вашингтон месецов ги зголеми тарифите за целиот увоз од Кина на 20 отсто. Ова ги удвои тарифите за кинеските производи што Трамп ги воведе кон земјата на 4 февруари. Тарифите од 10 отсто беа двојно зголемени на 20 отсто на 4 март.
Во врска со ова Кина ги повикаа САД што поскоро да се вратат на дијалогот со Пекинг.