Дискусиите меѓу руските и украинските претставници, кои се одвиваа со посредништво на Турција, како што рече украинскиот министер за одбрана, биле насочени и кон можен прекин на огнот. Било разговарано и за потенцијална средба на украинскиот и рускиот претседател, Володимир Зеленски и Владимир Путин
На првите директни преговори од 2022 година, Русија и Украина договорија меѓусебна размена на 1 000 заробеници. Ова го соопшти украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој ја предводеше украинската делегација на првите директни преговори меѓу двете земји кои се одржаа денеска во Истанбул.

„Го знаеме датумот (на размената), но засега нема да го кажеме“,
рече украинскиот министер.
Доколку договорената размена се случи, тоа ќе биде најголемиот трансфер на заробеници во повеќе од три години од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Дискусиите меѓу руските и украинските претставници, кои се одвиваа со посредништво на Турција, како што рече украинскиот министер за одбрана, биле насочени и кон можен прекин на огнот. Било разговарано и за потенцијална средба на украинскиот и рускиот претседател, Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Дополнително, Умеров најави и можна нова рунда разговори.
Шефот на руската делегација, Владимир Медински, пак, рече дека Русија го зела предвид барањето на Украина за директни разговори меѓу Путин и Зеленски и додаде дека секоја од двете завојувани земји ќе ја претстави својата визија за евентуален иден прекин на огнот.