Во последните неколку дена КФОР спроведе серија вежби во северниот дел на Косово за да, како што велат од мисијата, ги тестира своите способности да продолжи со обезбедување безбедна средина и слобода на движење за сите заедници што живеат на Косово
Меѓународната мировна мисија на НАТО на Косово – КФОР денеска изрази уверување дека употребата на насилство и агресивно однесување на северот, со цел да се влијае врз политичките одлуки, е неприфатливо, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.

Во соопштението се истакнува дека такво нешто се смета за провокација и се додава дека одговорност на сите е да ја гарантираат безбедноста во регионот.
Оваа реакција доаѓа по кризата на северот на Косово, откако локалното српско население подигна барикади во знак на протест против апсењето на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ, кој е осомничен од косовските власти дека учествувал во нападот на просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица на 6 декември.
Косовските власти тврдат дека имаат капацитет да ги отстранат барикадите на север, но дека на КФОР му се дава време за тоа да го направи на мирен начин.
Косовскиот премиер Албин Курти во понеделникот неделава изјави дека патиштата на северот на Косово нема да може уште долго време да останат блокирани и дека приштинските власти се во редовна координација со КФОР (воената мисија на НАТО на Косово) во врска со ова прашање.
„КФОР од нас побара уште малку време. Затоа сме во координација, во редовна, континуирана, интензивна комуникација со КФОР и очигледно барикадите нема да се толерираат уште долго“,
изјави пред три дена косовскиот премиер.
Во последните неколку дена денови, мисијата на КФОР спроведе серија вежби во северно Косово за да ги тестира своите способности да продолжи со обезбедување на безбедна средина и слобода на движење за сите заедници кои живеат во Косово.
Овие активности, како што велат од КФОР, се спроведени во тесна соработка и координација со главните претставници во регионот и во согласност со мандатот на Обединетите нации на КФОР врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година.
Командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча изјави дека мисијата на НАТО преку своите механизми го одвраќа насилството на северот на Косово и дека се стреми да обезбеди услови за натамошен политички дијалог меѓу Приштина и Белград.
Се додава и дека КФОР го зголеми своето присуство на граничниот премин „Јариње“ поради можното присуство на „организирани криминални групи“.
Група ултрадесничари на 18 декември од српска страна протестираа кај преминот Јариње, при што во еден момент беше пробиен полицискиот кордон. Потоа дојде до конфликт, но десничарите сепак беа спречени да тргнат кон косовската страна на границата, каде што беа присутни и припадниците на КФОР.
Блокадите на граничните премини „Јариње“ и „Брњак“ меѓу Косово и Србија влегоа во дванаесеттиот ден.
Косовските Срби ,чии барикади се поставени во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, не отстапуваат од нивниот протест и велат дека блокадите ќе бидат отстранети кога ќе бидат ослободени поранешните припадници на косовската полиција Дејан Пантиќ, Слаѓан Трајковиќ и Миљан Аџиќ, но и кога специјалните сили на косовската полиција ќе се повлечат од северот.
Синоќа во Косовска Митровица се слушнале неколку детонации, кои, како што јави репортерот на РТС, станале секојдневна појава. Нема информации што ги предизвикало детонациите, дали полицијата уништувала пиротехнички средства или целта била да се вознемири јавноста.