Мицкоски пред ЦК треба да излезе со имиња кои ќе бидат дел од новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во него, според изјавата на партискиот лидер, ќе останат дел од актуелните членови, но ќе има и нови луѓе
Денеска треба да заседава Централниот комитет (ЦК) на ВМРО-ДПМНЕ по што се очекува во раководните структури на партијата да влезат и некои нови луѓе.
Ова е дел од процесот на, како што го најавуваат оттаму, внатрешно реорганизирање.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски во петокот во емисијата „360 степени“ најави дека ќе се зголеми и бројот на потпретседатели – од двајца на четворица.
„В понеделник имаме Централен комитет (ЦК), ќе излезам пред членовите на ЦК со новиот состав на Извршниот комитет. Ќе има проширување, ќе има и нови луѓе. Ќе бидат некаде околу 28-29 луѓе. Ќе има проширување и во делот на потпретседателите, од двајца ќе бидат четворица“,
рече Мицкоски во интервјуто за „360 степени“.
Тој не сакаше да открие конкретни имиња кои ќе се најдат во новото раководство, но рече дека со реорганизацијата партијата заедно со тимот стратешки соработници ќе има „сериозен државнички капацитет кој ќе биде алтернатива“.