Владата информира дека го задолжила Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) да го стави во функција хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ и да се обезбеди доток на вода во акумулацијата Паљурци до максималните можности на системот и тоа во траење согласно потребите за нормализирање на нивото на вода во акумулацијата
Владата на денешната редовна седница, на која беа разгледани повеќе точки од нејзината програма за работа и од интерес на граѓаните, ја разгледа и усвои информацијата за состојбата на акумулацијата Паљурци.
Во таа насока, владата информира дека го задолжила Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) да го стави во функција хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“ и да се обезбеди доток на вода во акумулацијата Паљурци до максималните можности на системот и тоа во траење согласно потребите за нормализирање на нивото на вода во акумулацијата.
„Со дотурот на дополнителни количини вода ќе се обезбедат услови за наводнување на земјоделските површини и би се избегнале дополнителни штети за земјоделците од Општина Богданци и населените места Стојаково и Ѓавато“,
се наведува во соопштението на владата.
Воедно, на предлог на МЖСПП, додаваат од владата, усвоени се и информациите за повеќегодишна јавна набавка за финансирање на активностите за изградба на фекална канализација во населеното место Страчинце, Општина Гази Баба, како и за финансирање на активностите на Проектот – Регулација на дел од Ободен канал во населено место Арачиново, Општина Арачиново и за финансирање на активности за реконструкција на системот за водоснабдување Богданци.
Овие проекти, како што додаваат од владата, се дел од инвестициската програма на МЖСПП, во делот за финансирање проекти за водоснабдување и изградба на примарна и секундарна канализација, согласно со стратешките приоритети на МЖСПП за развивање современа и функционална водоводна инфраструктура, заштита на животната средина и подигање на степенот на социјален развој и квалитет на живот во сите општини во нашата држава.
