Нов случај на предвреме родено бебе го вклучи алармот на Клиниката за гинекологија во Скопје. Добило хепатит Ц. До неговиот изолиран привремен дом се стигнува преку посебни протоколи за да не се накалемат и надворешни инфекции.
Ова е интензивниот оддел на Клиниката за гинекологија, во кој се сместени најризичните новороденчиња од цела Македонија. Стандардите налагаат меѓу инкубаторите да има најмалку девет метри растојание, но во моментов се на растојание од неколку сантиметри.
Одделот пред неколку месеци беше доопремен со донации. Овде се задоволни дури и од тоа што веќе нема по две деца во еден инкубатор. Оние што бдеат над малите борци велат дека го трошат последниот атом сила.
„Верувајте, воопшто не е лесно за ниедна сестра да работи, да кажеме 12 часа покрај едно дете. Го вентилирате, давате се што е потребно буквално се борите за неговиот живот и на крај да ви почине… Да, малку сме, точно е, ако на пример, по светски стандард, би требало на 12 вентилирачки места, колку што ние имаме машини, да има минимум 6 сестри, ние имаме на 12 ветилирачки места имаме само 2 сестри. Значи тоа е надчовечки напор од целиот персонал на ова одделение.“, вели за 360 степени одделенската сестра на интензивна нега на ГАК Тања Трајковска.
Клиниката за гинекологија и акушерство е најголемото родилиште во Македонија. И државните и приватните болници од цела Македонија, кога ќе се се соочат со ризично породување, пацинетите веднаш ги препраќаат на скопска гинекологија, која не смее да одбие никого. Тука, во првите три месеци од годинава на свет дошле 1.155 новоренчиња. Од нив, 144 биле предвремени породувања. 35 предвремено родени завршиле трагично. Во црната статистика од 35 починати влегуваат 10 деца родени во петтиот месец од бременоста на мајката, 11 во шестиот, 6 во осмиот месец, 3 во деветтиот месец и само едно над 37 недела од бременоста, но со тешка аномалија.
„Од 2015 година оди таа фама дека се зголемува бројката на смртност на деца кои се третирани на клиниката, односно породувања што се тука третирани. Сменето е пресметувањето на смртноста кои деца ги рачунаме во таа група. Од 22 недела почна да се пресметува во 2015 година. Тоа не е случај на пример во Бугарија каде пресметуваат 25, во Србија пресметуваат од 24, така што, ако ги одземеме тие деца и кај нас процентот е на ниво на сите држави кои се во наша околина и кои имат отприлика исти услови како и тука.“, вели директорката на ГАК Викторија Јовановска.
Македонија ги прифати стандардите на Светската здравствена организација – секое бебе родено од 22 недела бременост, или кое тежи над петстотини грама, да се смета за новороденче. Дури и ако живее само неколку секунди, влегува во таа статистика, иако претходно ваквите случаи се сметале за абортуси. Директорката Јовановска смета дека прагот мора да се подигне, бидејќи од независна Македонија досега преживеале само 4 бебиња родени во шестиот месец од бременоста.
„Тоа новороденче е екстремно незрело во поглед на сите органи и станува збор за новороденчиња кои во надворешни услови едноставно тешко се адаптираат и тешко можат да опстанат, особено кога се работи за новороденчиња кадешто мајката претходно имала инфект и тие уште на раѓање се уште со вродена, конатална бронхопнеумонија, конатална сепса, ем се екстремно незрели, сите органи им се незрели немаат имунитет, а имаат инфекција стекната во бременоста.“, објаснува Јовановска.
Директорката ги поткрепува тврдењата со бројки. На Клиниката за гинекологија се намалува бројот на родени деца – од 5.644 во 2015-та на 4.584 во 2017-та година. Но, во истиот период удвоена е смртноста – од 99 починати новороденчиња во 2015 на 184 во 2016-та и 164 минатата година.
Црната статистика се должи главно на предвреме родени деца – од 99 починати во 2015-та – 92 се предвреме родени, од 184 починати во 2016-та – 177 се во групата предвреме родени. За 2017-та, бројката се уште се пресметува.
Кога вкупните бројки ќе се поделат според гестациската недела во која биле родени, се доаѓа до заклучок дека најмногу од починатите биле меѓу 22-рата и 27-та недела.
Дилемата дали деца родени од 22 недела треба да влегуваат во црната статистика постои поради случаите во кои, иако многу ретко, сепак преживуваат. Таков пример е ова новороденче, кое сега е најмалиот борец на гинекологија. Примено е пред 60 дена, на старост од само 23 недели. Ако ја добие битката, ќе биде најрано роденото дете во историјата на Македонија. Но, борбеноста не ги напушта и другите – малку повозрасни, исто така предвремено родени.
Децата родени надвор од Скопје, кај кои е констатирана некаква аномалија, се препраќаат на Детската клиника. И овде одделот за интензивна нега е опремен со донации. Докторката од овој оддел, Аспазија Софијанова, која е претседателка на Здружението на педијатри, вели дека низа причини доведуваат до предвремено породување.
„Сега се раѓаат деца многу порано од порано и процентот на предвремено родени новородени кои сами по себе се со огромен фактор на ризик е многу поголем од она што било претходно што се должи на стилот, начинот на живеење, вештачкото оплодување кое сакам да го нагласам, кое исто така носи ризици поради тоа што се раѓаат двојки-тројки, тоа носи одреден ризик, се вбројува едното ако заврши лошо.“, вели Аспазија Софијанова – претседателка на Здружението на педијатри на Македонија.
Детската клиника располага со две амбулантни возила опремени како мини-болници, кои би можеле да стигнат до секој предел на земјава, наместо во ризичните случаи – бебињата да се раѓаат и транспортират во несоодветни услови. Но, возилата не се користат доволно.
„Кога колегите од другите градови ќе видат навреме дека нешто се случува, навремено да го известат ова одделение, кое треба да го прифати пациентот и развивање на тој транспортен сервис во кој ние би можеле да одиме на раѓање на одредено место, тоа да биде Битола или да биде каде било, не е важно, каде ќе можеме и ние да присуствуваме на тоа раѓање и да многу побрзо пристапиме кон реанимација. Да го равиеме тој транспортен интерперсонален и интерклинички однос, кој треба да значи разговор ,договор и на краj добра организација. Ако веќе сфатиме дека во тој дел сме направиле се и нема резултат, тогаш едноставно, велеше покојниот професор Вулнет Старова – СНЗ, само небо знае. Има повеќе фактори кои се важни и сигурно, на крајот на денот добро би било да ни ги покачат и платите бидејќи на крајот на денот сепак работиме и за тоа.“, смета Софијанова.
Од Министерството за здравство велат дека начинот на пресметување ќе остане ист, бидејќи опфаќањето на бебињата родени од 22 недела е светски прифатен стандард, иако процентот на преживеани е многу мал. Во тек е проценка на капацитетот на родилиштата во земјава – некои ќе бидат затворени, а други ќе прераснат во регионални центри, за да се ратовари скопска гинекологија. Но, и таа клиника ќе добие засилувања, зашто, на пример, нема ниту половина од потребниот број неонатолози.
„Овој испуштен период од години наназад не може да го надокнадиме за краток временски период. Ќе бидат примени медицински сестри таму каде што е најкритично, тоа веќе е завршено на Клиниката за педијатрија, со акцент на интензивната нега, следна е Гинеколошката клиниката, каде што ќе примиме 20 медицински сестри.Неонатолози знаете, не можете да створите преку ноќ, тоа е еден процес на едукација, потребни се 20, а во моментов има само 8 и тоа е проблем.“, вели министерот за здравство Венко Филипче/
Интензивните одделенија на клиниките се опремени главно од донации, стручниот кадар си заминува од земјата, дали сте свесни колку е лош имиџот на здравствените установи и јавноста просто бара конкретен одговор кога и како планирате да го надминете овој проблем?
Како што спомнав, не можеме преку ноќ, меѓутоа чекорите што веќе ги направивме сметаме дека ќе не однесат во вистинскиот правец. Соодветна едукација и од странство, меѓутоа и упатување на соодветна структурирана едукација на нашите лекари, којшто знаеме со какво знаење ќе се вратат од странство и како ќе го аплицираат во наши услови.
Но како ќе ги мотивирате, значи тие не бараат да одат на едукација во странство, туку да се иселат комплетно од оваа држава?
Не постои друг механизам на мотивација, освен да понудиме соодветен систем на работа и на едукација и финансиски да се мотивират. Ние веќе ја зголемивме вредноста на плаќање на ноќниот труд, веќе се зголемени дежурствата за лекарите и за средно медицинскиот кадар…
И за тоа имавте критики од медицинскиот кадар.
Верувајте дека беше ова максимумот, во којшто според економските перформанси, што сега можеше да се вложи во овој дел во здравствениот систем. Следен чекор е покачување на платите, меѓутоа не застануваме тука.
Во очекување нешто да се смени, останува лошиот имиџ на Македонија, која УНИЦЕФ ја рангираше на второто место во Европа, според стапка на смртност кај новороденчињата.
Напишете коментар