Судскиот совет в среда ќе констатира прекин на мандатот на две судијки поротнички Лилјана Ивановска-Кочковска и Марика Кондовска, што значи дека предметите во кои тие се дел од судечкиот совет ќе се вратат на почеток. Станува збор за предметите: ТНТ, „Талир“, „Тендери“, „Топлик“ и „Монструм“.
„Судскиот совет одржа работен состанок и, имајќи ги предвид наведените законски одредби, донесе заклучок согласно кој престанок на функцијата судија поротник на наведените судии поротници во Основниот кривичен суд Скопје ќе констатира на првата наредна седница“, наведуваат од Судскиот совет.
Седница на Советот е закажан за в среда.
За да донесат ваков заклучок, членовите на Судскиот совет се повикуваат на членот 80 од Законот за судови според кој на судија поротник му прекинува мандатот кога ќе наполни 60 години.
Претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје, Иван Џолев, утрово испратил писмо до советот со кое барал на двете судијки кои веќе имаат по 60 години да им се продолжи мандатот заради исклучителен јавен интерес и за обезбедување на владеење на правото. Но, Џолев исто така навел дека ако Судскиот совет не одлучи да продолжи мандатот, тогаш да започне постапка за престанок на функцијата на двете поротнички.
Покрај во споменатите пет предмети, Кочковска и Кондовска се дел од судечкиот совет во „Титаник“. Но овој предмет нема да се врати на почеток затоа што во него судот има назначено двајца заменици поротници кои го следеа досегашниот тек на судењето.
Покрај ваквата опасност која ги демнеше предметите, а од средата ќе стане и реалност, на Кочковска паралелно ѝ истекува четиригодишниот мандат откако стапи на функција на 24 декември 2015 година.
Токму поради ваквите околности, се чинеше дека Основниот кривичен суд наметна интензивна динамика во судењето за предметот ТНТ кој беше најблиску до завршница. За да се донесе пресуда, остануваа уште неколку сведоци, распит на обвинетите и заврши зборови.
Така, од минатата среда секојдневно се закажуваа рочишта, некои од нив завршуваа и по 20 часот. Од друга страна, пак, беа многубројните барања на одбраната, кои судите и обвинителот ги сметаа за обиди за одолговлекување со цел да не се донесе пресуда.
Прво, половина од обвинетите на едно рочиште се појавија без адвокати, па добија нови по службена должност. Новите бранители потоа бараа увид во списите на предметот кои се на повеќе од 20.000 страници, а денеска ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, не се појави воопшто на судење бидејќи синоќа бил претепан и завршил во болница.
Сценариото со враќање на почеток на судските предмети беше повеќе од извесно, со оглед на тоа дека во законите не се предвидува продолжување на мандатот на поротник поради обезбедување на владеење на правото или евентуална економичност и ефикасност на постапката. Ставовите што преовладуваат во правосудната фела се дека за да не дојде до вакви ситуации, меѓународната пракса е во сите предмети да има и т.н. ад хок судии или познати кај нас како заменици-судии и поротници. Во спротивно, ако се продолжува мандатот на поротници или судии без тие да бидат реизбрани на оглас или врз основа на нешто што е пропишано со закон, таквите предмети ќе паднат кај повисоките или меѓународните судови бидејќи одбраната ќе се повика на незаконско постапување на судечкиот совет.
Откако Судскиот совет и официјално ќе одлучи за престанокот на функцијата на двете поротнички, судските процеси во кои тие членови и немало заменици ќе почнат од почеток. Тоа е предвидено со Законот за кривична постапката (ЗКП), според кој има опција повтореното судење да биде со забрзана динамика, но за да се случи тоа ќе треба да се согласат странките во постапката.