Пратеници на СДСМ, ДУИ, Беса и на Алијанса предлагаат да се распише оглас за избор на нови претседател, потпретседател и пет члена на Комисијата, затоа што мандатот на сегашниот состав истекува за еден месец
Одлука за распишување оглас за избор на претседател, потпретседател и пет члена на Државната изборна комисија се очекува да донесе Собранието на седницата што почнува денеска.
Предлогот е поднесен од координаторите на пратеничките групи на владејачките СДСМ и ДУИ, како и од Кастриот Реџепи од Беса и Атнан Незири од опозициската Алијанса за Албанците, која, согласно со новиот распоред на сили во законодавниот дом, по изборите во јули, добива едно место во ДИК. Беса, пак, како нова владејачка партија останува без член во ДИК.

На предлог-одлуката за распишување оглас за избор на членови на ДИК не е потпишан претставник на ВМРО-ДПМНЕ.
Мандатот на овој состав на ДИК, кој беше избран со ограничен мандат, за да го спроведе референдумот за името во 2018 година, по оставките на речиси сите членови од претходниот состав, истекува кон крајот на јануари. Иако првично имаше мандат од само шест месеци, кој потоа беше продолжуван во неколку наврати, овој состав на ДИК ги организираше и претседателските избори минатата година, како и годинашниве парламентарни, а неодамна и дополнителни избори за градоначалници на Штип и на Пласница.
Огласот за избор на нов состав на ДИК би се реализирал според важечките правила во Изборниот законик, така што ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, би имала претседател и уште еден член, а потпретседателот би бил од редовите на ДУИ.
За избор на членови на ДИК е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.

Набрзо по доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, на неговата прва средба со премиерот Зоран Заев, беше постигнат договор за измени на Изборниот законик, со цел да се воведе нов концепт за составот на Државната изборна комисија. Тогаш беше најавено дека ДИК би функционирала како административно тело, во постојан состав, додека претставници на партиите би се вклучувале во работата на Комисијата неколку месеци пред избори, но без право на глас, туку како набљудувачи.

Тој договор меѓу Мицкоски и Заев, од крајот на 2017 година, не се реализира досега.
Доколку се постигне согласност меѓу партиите и се обезбедат минимум 80 гласа во парламентот за избор на нови членови на ДИК, од листата на кандидати што би се јавиле на огласот, првата покрупна редовна обврска за новиот состав на Комисијата би биле локалните избори што треба да се одржат наесен следната година.