Секретаријатот за европски прашања (СЕП) денеска одржа конститутивната седница на Координативно тело за координирањето на штабовите на единците на локалната самоуправа (општините и градот Скопје), за справување со заканата од коронавирусот.
Главен координатор е заменикот претседател на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи.
Како што информираат од СЕП, покрај редовните заклучоци за конституирање на работата на телото и утврдување на неговиот делокруг на работа, уште на самата конститутивна седница Координативното тело донесе одлука да ги задолжи општините веднаш да формираат посебни штабови за справување со предизвиците од епидемијата.
Покрај единиците на локална самоуправа како надлежно тело, штабови да се формираат и на ниво на месни заедници, со што ќе се обезбеди поблиска координација со потребите на граѓаните и поблизок пристап директно на терен.
„Мора да обезбедиме организирано и координирано присуство на најниско ниво на терен, со цел да обезбедиме навремена и соодветна поддршка за граѓаните, но и веродостојно информирање и известување за состојбите“,
изјави Османи.
Координативното тело е формирано со одлука на Владата минатата недела, каде покрај главниот координатор, вицепремиерот Османи, учествуваат и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, како заменик на главниот координатор, пет члена од редот на инспекторите при Дирекцијата за заштита и спасување, како и државните секретари при министерствата за здравство, за внатрешни работи и одбрана.