Маршот, како што порачаа неговите организатори од Платформата за родова еднаквост, ќе биде израз на протест на колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед, а со цел менување на политиките и условите за жените во општеството
Да се биде жена во Македонија значи да се будиш секое утро во страв и да се прашуваш како и дали ќе го преживееш овој ден – дали ќе преживеам брак или заедница, дали ќе го преживеам породувањето, дали ќе ја преживеам операцијата. Со овие зборови, претставници од Платформата за родова еднаквост го најавија седмиот по ред осмомартовски марш кој оваа година ќе се одржи под слоганот „Ќе преживеат ли жените овде?“.
„Во 2023 година жените се соочени со политики кои не ги препознаваат доволно нивните потреби, институциите не ги заштитуваат доволно. Има напредок во донесување закони, иако некои се заглавени, но клучно е дека проблем е имплементацијата на политиките, институциите не ги спроведуваат како што е пропишано. Залудно е што декларативно имаме документи, кога нема промени“,
порача Јана Коцевска од Платформата на денешната прес-конференција.
Како пример оти не постои волја да се менување на политиките, Коцевска спомена дека градоначалниците на општините не одговориле на апелите да не се исклучува уличното осветлување кое, според неа, е опасно за безбедноста на жените кои ноќе се движат во јавниот простор.
Протестниот марш ќе се одржи оваа среда (8 март) од 18 часот со почетна точка од плоштадот „Филип Втори“ во Скопје. Маршот, како што порачаа неговите организатори од Платформата за родова еднаквост, ќе биде израз на протест на колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед, а со цел менување на политиките и условите за жените во општеството.