Владата на Северна Македонија, нагласи Ковачевски, ѝ посветува големо внимание и ја почитува еврејската заедница, а воедно силно ги осудува сите форми на антисемитизам, негирање на холокаустот и поврзаните искривени толкувања
Во претстојниот период, согласно предвидената дебата за уставни измени, ќе биде предложено вклучување на Евреите во Уставот, најави премиерот Димитар Ковачевски додавајќи дека се надева оти таквиот предлог ќе биде прифатен од сите политички субјекти во земјава.
Владата на Северна Македонија, нагласи Ковачевски, ѝ посветува големо внимание и ја почитува еврејската заедница, а воедно силно ги осудува сите форми на антисемитизам, негирање на холокаустот и поврзаните искривени толкувања.
Ваквите ставови премиерот ги изнел за време на денешната средба во Владата со делегација на Кнесетот на Израел во чиј состав на претседателот на парламентарната групата за пријателство и соработка меѓу Израел и Северна Македонија, Хамад Амар, член на парламентарната група Тсега Мелаку и координатор за меѓународна соработка на Кнесетот Дор Каидар во придружба на амбасадорката на Израел во земјава, Симона Франкел.
Тие се во посета на земјата по повод одбележувањето на 80-годишнината од депортирањето на 7 144 Евреи од Македонија во Треблинка.
„Претставниците од Кнесетот на Државата Израел ги поздравија политиките на дијалог и разбирање, преку коишто Северна Македонија гради Едно општество за сите граѓани на домашен план и ги развива односите со соседите во регионот, што е во функција на одржувањето на мирот и стабилноста во Европа и светот“,
се наведува, меѓу другото, во владиното соопштение од средбата.
За време на средбата, Ковачевски и претставниците на израелскиот парламент ги нагласиле пријателските односи меѓу двете земји и се согласиле за унапредување на билатералните односи во повеќе области, меѓу кои ИТ-секторот и безбедноста, економијата, туризмот, земјоделството.