Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра). Со неговото поништување од страна на Уставниот суд, државата сега ќе треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании
По денешната одлука на Уставниот суд да го поништи Законот за солидарност, попладнево преку соопштение се огласија од Министерството за финансии, од каде што велат дека нема да коментираат судски одлуки, како и дека ќе ги сервисираат обврските кои произлегуваат од одлуката на Уставен.

Имено, со поништувањето на Законот за данок на солидарност, што го донесе претходната влада, државата од буџетот ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании, кои ја платиле оваа давачка согласно сега веќе поништениот Закон.
„Министерството за финансии нема да коментира судски одлуки, вклучително и денеска донесената од страна на Уставниот суд. Согласно надлежностите како Министерство за финансии ќе постапиме по Одлуката на Уставниот суд по нејзиното објавување во ‘Службен весник’ и ќе ги сервисираме создадените обврски од Буџетот“,
се наведува во соопштението од Финансии.
Постапката за оценување на уставноста на оспорениот занон, Уставниот суд ја поведе на 20 ноември минатата година со спојување на повеќе предмети, а на денешната седница донесе конечна одлука.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, веднаш по одржаната седница на прес-конференција рече дека компаниите сега ќе можат во рок од пет години, доколку сметаат дека со овој закон им биле повредени правата, да бараат да им бидат вратени парите.
„Вакво ретроактивно дејство на закон е апсолутно недозволиво. Субјектите во правото мораат да знаат што ги чека. Не може сред игра да им ги менуваш правилата. Тоа е правна предвидливост. Во тоа се состои суштината на владеењето на правото. Кога владее правото, ти знаеш што те очекува, дека оваа година на толку остварен приход, толку данок ќе платиш. Сѐ друго води кон правна несигурност“,
рече тој, образложувајќи ја одлуката на прес-конференцијата.
Во услови на борба за привлекување странски инвестиици, според Костадиновски се испраќа порака до економските субјекти дека државата може, по потреба, кога ќе ѝ текне да воведе данок.
Данокот на солидарност беше воведен како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година. Овој данок го плаќаа компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (околу 10 милиони евра).
Целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходини на солидарен закон.
Во ноември минатата година судот изрази сомнеж дека оспорениот Закон ја повредува темелната вредност владеење на правото утврдена со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото.
Уставните судии изразија и сомнеж дека станува збор за Закон кој произведува повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 од Уставот.
Премиерот Христијан Мицкоски на почеткот на годината рече дека ако судот донесе одлука да се вратат 50-те милиони евра од солидарниот данок, тие ќе бидат вратени.