Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на својот фејсбук-профил потврди дека скопски „Водовод“ доставил барање до Регулаторната комисија за енергетика со кое бара зголемување на цената на водата од 30 денари во просек на сметките на месечно ниво, од „Водовод“ велат дека не побарале зголемување на цената на водата во Скопје, ниту е тоа во план на претпријатието во тековната година
По информацијата од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дека од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје доставиле барање до Комисијата во кое побарале зголемување од 30 денари во просек на сметките на месечно ниво, од скопското јавно претпријатие демантираат. Оттаму велат дека цената за вода во Скопје нема да се зголеми.
„ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје најостро ја осудува и во целост ја демантира лажната вест објавена во неколку медиуми за зголемување на цената на водата во Скопје. Имено, во согласност со Законот за утврдување цени на водните услуги, се доставува известување за зголемените трошоци на претпријатието по основ на електрична енергија и енергенси во форма на барање за утврдување на тарифите за водните услуги, барање кое е доставено во 2022 година. Околу евентуалната промена на цената на водните услуги, надлежни се Регулаторната комисија за енергетика и Советот на Град Скопје како основач на претпријатието, при што ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје ниту донело нови тарифи ниту тоа го има побарано од Советот на Град Скопје. Уште еднаш да потенцираме дека ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје не побарало зголемување на цената на водата во Скопје, ниту е тоа во план на претпријатието во тековната година“,
се вели во соопштението на „Водовод“.
Претходно, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, на својот фејсбук-профил потврди дека скопски „Водовод“ доставил барање до Регулаторната комисија за енергетика со кое бара зголемување на цената на водата од 30 денари во просек на сметките на месечно ниво.
Од РКЕ, по направените анализи дале предлог со кој зголемувањето во крајните сметки на граѓаните би било за седум денари, но, како што посочува Бислимоски, конечната одлука ја носи Советот на општината.
„РКЕ не носи конечна одлука за цената на водата. Советите во општините ги носат конечните одлуки. Јавните комунални претпријатија поднесуваат барање за одредување на цената до РКЕ, а ние им даваме минимална и максимална цена како опција. Овие предлог-цени се врзани со трошоците, односно инвестициите во мрежата за да нема дефекти и да се модернизра. Која цена ќе биде на сила, одлучува Советот на општината“,
вели Бислимоски во објавата на Фејсбук.
Фактите, додава тој, покажуваат дека на национално ниво 60 проценти имаме загуба на водата, што значи дека губиме непроценливо богатство поради отсуство на инвестции.
„Советите отчетно и транспарентно да им објаснат на граѓаните каде се инвестира секој денар. РКЕ останува на ставот во целост да го преземе регулирањето во делот со цени на води за да се зголемат инвестициите, да се подобри услугата и да се регулираат вработувањата согласно потребите“,
наведува Бислимоски на Фејсбук.