Од Уставниот суд за МИА изјавиле дека претседателката на Судот, Кацарска, денеска во полициска станица пријавила вербален напад и загрозување на сигурноста. Изјава за настанот во полиција дале неколку сведоци
Денеска напладне во близина на трговски центар во центарот на Скопје, педесет и седумгодишен маж вербално ѝ упатил закани на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, со зборовите „ќе одговараш, страшно ќе одговараш“, по што интервенирало нејзиното обезбедување, објави МИА. Инцидентот го потврдиле и од Уставниот суд.
Од Уставниот суд за МИА изјавиле дека претседателката на Судот, Кацарска, денеска во полициска станица пријавила вербален напад и загрозување на сигурноста. Изјава за настанот во полиција дале неколку сведоци.
Соопштение за случајот пристигна и од Министерството за внатрешни работи. Во него не е наведено дека станува збор за претседателката на Уставниот суд, но иницијалите на пријавителот на случајот одговараат на нејзиното име и презиме.
„Полициски службеници од Полициската станица ‘Центар’ денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В. П. Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д. К. (67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“,
соопшти МВР.
Претходно, на 15-ти овој месец, како што објави „360 степени“, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, веднаш до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож.
Кацарска случајот го пријавила во полиција, од каде што ни го потврдија настанот и велат дека за него е известен надлежен јавен обвинител. Дополнително, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„На 14.5.2024 г. во СВР Скопје од страна на Д. К. било пријавено дека во подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Известен е надлежен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Кацарска добивала закани и на социјалните мрежи, за кои не реагирала сè до случајот во нејзината гаража.