Освен поддршката што Северна Македонија може да ја очекува од Словенија, словенечкиот премиер Роберт Голоб нагласи дека иако земјава е пред тешка задача, која предвидува менување на Уставот, сепак, порача дека кај сите политички партии треба да преовлада разумот за да го разберат и искористат историското значење на овој момент
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на заедничката прес-конференција ја поздрави словенечката поддршка, за која кажа оти не е само декларативна туку конкретна и практична
Словенија стои цврсто на ставот дека сегашниот процес на преговори на Северна Македонија со Европската Унија не смее повторно за закочи со дополнителни билатерални прашања на агендата. Ќе инсистираме на тоа дека освен договорената промена на македонскиот Устав не смее да се внесуваат никакви дополнителни барања во процесот на придружување и на преговори со Унијата.
Ова денеска го порача словенечкиот премиер Роберт Голоб за време на заедничката прес-конференција со својот македонски колега Димитар Ковачевски кој денеска е во посета на Словенија.

„Северна Македонија е дел од Европа, секогаш беше дел од Европа и сега е време да стане и дел од европското семејство. Предолго чекаше за тоа, а денес, кога тој процес конечно почна, и мораме сите да направиме сè за овој процес да не застане никогаш повеќе“,
рече словенечкиот премиер Роберт Голоб на заедничката прес-конференција со Ковачевски.
Освен поддршката што Северна Македонија може да ја очекува од Словенија, словенечкиот премиер нагласи дека иако земјава е пред тешка задача, која предвидува менување на Уставот, сепак, порача дека кај сите политички партии треба да преовлада разумот за да го разберат и искористат историското значење на овој момент.
„Се работи за историска можност која нема врска со партиска припадност, туку со иднината на целиот македонски народ. Јас верувам дека кај сите политички партии во Северна Македонија ќе преовлада и разумот, дека ќе го разберат историското значење на овој момент, за овој процес да биде завршен што е можно побрзо, како што е предвидено и во преговорите. Ако Словенија може на каков било начин да помогне, тоа со задоволство ќе го направи“,
додаде Голоб.

Словенечкиот премиер порача дека Западниот Балкан и Северна Македонија, како една од понапредните кандидатки за членство во ЕУ, е се клучни за политичка стабилизација во регионот бидејќи, како што кажа, во спротивно може да станат извор на дестабилизација за цела Европа.
„Единствен начин за стабилизација на Западниот Балкан е придвижување кон ЕУ. Не постои друга можност“,
заклучи словенечкиот премиер.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на заедничката прес-конференција ја поздрави словенечката поддршка, за која кажа оти не е само декларативна, туку конкретна и практична. Во оваа насока Ковачевски ја нагласи важноста на словенечката техничка поддршка за зајакнување на административните капацитети на државата во областа на евроинтеграциите, посебно во делот на усогласување на законодавството на земјава европското законодавство.

„Словенија веќе две декади го поддржува развојот на Северна Македонија со речиси 40 милиони евра во имплементацијата на реформите коишто произлегуваат од процесот на евроинтеграција, но и генерално во однос на подобрувањето на развојот на земјата. Она што е посебно важно за нас денес, е што предвидовме и унапредување на соработката за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ, насочени кон успешна подготовка на Северна Македонија за членството во Унијата. Тоа подразбира размена на најдобри практики и искуства со Словенија од процесот на пристапување во ЕУ, вклучително и преку проекти финансирани од ЕУ, со цел поддршка на Северна Македонија во исполнувањето на критериумите за пристапување“,
нагласи Ковачевски.
Ковачевски и Голоб на денешната средба во Словенија потпишаа заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу двете држави, а една од областите ќе биде токму практичната поддршка на Словенија во натамошниот процес на преговори со Европската Унија.
Двајцата премиери, меѓу другото, договорија и зајакнување на билатераланата соработка преку редовен политички дијалог, вклучително и преку одржување меѓувладина седница во текот на оваа година.