Откако Љубомир Јовески потврди дека е заинтересиран да биде уставен судија, се чини извесно дека тој ќе замине од челната позиција во ЈОРМ, две години пред да му истече мандатот, и дека ова парламентарно мнозинство наскоро ќе треба да избере нов републички јавен обвинител
Според неофицијални информации, Гаврил Бубевски аплицирал за шеф на ОЈО Скопје, ама не е исклучено да се најде во комбинација и за местото на Јовески
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески е можно да биде кандидат за едно од трите испразнети места во Уставниот суд, откако, според информации од владејачкото мнозинство, од комбинација, најверојатно, испаднаа генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова и битолскиот адвокат Васко Талевски, поради нивната партиска припадност, спротивно на членот 111 од Уставот.
Јовески денеска потврди дека би го прифатил предизвикот да „се пресели“ во Уставниот суд, доколку, како што рече, пратениците сметаат дека може да придонесе во неговата работа.
Јовески (67) дојде на чело на Републичкото јавно обвинителство кон крајот на 2017 година, по разрешувањето на Марко Зврлевски и неколку месеци по конституирањето на новото парламентарно мнозинство, предводено од СДСМ и од ДУИ. Според тоа, неговиот мандат трае до крајот на 2023 година, иако веќе ги исполнува и условите за старосна пензија. Сепак, откако потврди дека би прифатил кандидатура за уставен судија, мошне е извесно наскоро да се испразни неговото место во ЈОРМ и Собранието, освен тројцата нови уставни судии, да биде исправено пред одлуката да избира и нов државен јавен обвинител, кој според Законот го предлага владиниот кабинет.
Во новиот Закон за јавно обвинителство, донесен непосредно пред распуштањето на минатиот собраниски состав, остана непроменет принципот за избор на државен јавен обвинител, иако ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати бараше носителот на оваа функција да се избира по предлог на опозицијата.

Чии имиња се споменуваат за местото на Љубомир Јовески?
Како можен кандидат на Владата за нов државен обвинител, неофицијално, се спомнува еден од обвинителите кои беа дел од некогашното Специјално јавно обвинителство. СЈО формално згасна пред една година, а на Јовески му беше пренесена обврската да ги прераспредели предметите што произлегоа од масовното нелегално прислушување, обелоденето во 2015 година.
Советот на јавни обвинители тогаш ги врати обвинителите на СЈО на старите работни места во матичните обвинителства, а дел од нив во изминатиот период добија унапредување. Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми, во април годинава, беа избрани за обвинители во Вишото јавно обвинителство – Скопје. Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов од поранешното СЈО, пак, преминаа во Обвинителството за гонење организиран криминал, односно во тимот на Вилма Русковска.
Без повисока функција во обвинителството остана обвинителката Ленче Ристоска, додека Гаврил Бубевски се споменува и како можен нов шеф на Скопското јавно обвинителство, откако и таа позиција беше испразнета во април годинава, кога Сашо Рајчев премина во Вишото обвинителство – Скопје. Сепак, со оглед на тоа што мандатот на Русковска, на чело на Обвинителството за организиран криминал, истекува следната година, а во најава е и заминување на Јовески од челната позиција во ЈОРМ, според неофицијални информации, не е исклучено Бубевски да се кандидира и за некоја од овие позиции, иако, наводно, веќе аплицирал за главен обвинител во скопското обвинителство.
Бубевски и уште двајца обвинители во комбинација за скопското обвинителство
Според неофицијални информации, во трка за шеф на ОЈО Скопје се уште двајца обвинители. За тројцата кандидати за скопското обвинителство, во Советот веќе пристигнале оценките, па сега би требало да се одржат и интервјуата, по што на седница ќе треба да се направи и изборот. За разлика од државниот обвинител, кој се избира во Собранието, со најмалку 61 глас, шефовите на другите обвинителства, ги избира Советот на јавни обвинители.
Се чекаат предлозите за уставни судии
Што се однесува до изборот на нови уставни судии, од Комисијата за избори и именувања во парламентот велат дека сè уште нема формални кандидати за трите испразнети места, за што номинациите треба да дојдат од пратениците кои се членови на ова собраниско тело. Сепак, точката е веќе ставена на дневен ред на седница на Комисијата, која беше прекината по жестоки реакции на опозицијата поради најавената можна кандидатура на Иванова и на Талевски за уставни судии.
Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Костадин Костадинов, вели дека ќе закаже продолжение на седницата кога ќе биде известен дека пратениците во ова тело имаат кандидати за уставни судии.
Во биографија на Јовески, кој се спомнува како еден од можните кандидати за нов уставен судија, е запишано дека тој има повеќе од 15 години работно искуство како судија на предмети од кривична материја, повеќе од 12 години стаж како јавен обвинител и 7 години работно искуство во областа на извршување на кривичните санкции.
Според член 109 од Уставот, судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници, додека членот 111 предвидува дека оваа функција е неспојлива со вршење друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија. Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.