„Верувам дека за една недела ќе и соопштиме на јавноста дали и каков договор за предизворна коалиција имаме“. Вака зборуваше лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во интервју за „360 степени“, емитувано на 27 декември 2019 г., за преговорите со БЕСА и Алтернатива за евентуален заеднички настап на изборите на 12 април.
Прашан тогаш да го предвиди бројот на пратеници што би го освоиле, Села рече дека трипартитна коалиција (Алијанса, БЕСА и Алтернатива) гарантира најмалку 15 пратеници, доколку одат во коалиција со една од двете партии (БЕСА или Алтернатива) би имале најмалку 13 пратеници, а доколку излезат сами како партија, би победиле во албанскиот блок и би освоиле помеѓу 9 и 10 пратеници. За ДУИ Села рече дека не би имале повеќе од 7 пратеници. Сепак, како што изјави тогаш Села, намерата е партиите од албанскиот блок сплотени да ѝ конкурираат на партијата на Али Ахмети, ДУИ.
„Верувам дека за една недела ќе и соопштиме на јавноста. Тогаш точно ќе знаеме со кого ќе направи коалиција Алијанса за Албанците, но како и да е, најзначајната коалиција што може да ја направи еден политички субјект е коалицијата со вистинската опозиција, а вистинската опозиција е граѓанинот”,
рече Села во гостувањето во „360 степени“ на 27 декември 2019 г.
Сепак, единаесет дена подоцна, во медиумите осамнаа извештаи дека работата е далеку од готова.
Oд Алтернатива на Африм Гаши немаат ништо против коалицирање со Алијансата за Албанците, но одбиваат заеднички настап со БЕСА на Билал Касами.
„Во никој случај Алтернатива и ниту едно партиско тело не би се согласило да седнат на маса со луѓето кои им ја скршија секоја надеж и идеал кај нашите заеднички гласачи”,
изјави генералниот секретар на Алтернатива, Скендер Реџепи, за ТВ Алсат.
БЕСА досега не добила сигнал за трилатерална средба.
„Ние сме во редовна комуникација со Алијанса за Албанците, и покрај нашето убедување, за да дадеме шанса го прифативме нивното барање да разговараме за трилатерална коалиција, но сè уште немаме одговор зошто не се случува конкретен повик за трилатерална средба било помеѓу лидерите на трите партии или пак на преговарачките групи“,
велат од БЕСА во изјава за ТВ Алсат.
ДПА и ДУИ сами на избори
Инаку, од ДПА се изјаснија дека на изборите ќе настапат самостојно. Партискиот лидер Мендух Тачи го услови можното коалицирање со СДСМ по изборите со барање тој да биде единствен вицепремиер и ДУИ да не е дел од власта. Партијата на Тачи е дел од актуелната Влада. ДПА во 2018 година доби министер без ресор задолжен за странски инвестиции, позиција на која дојде поранешниот пратеник на ДПА, Бардуљ Даути. Тој е дел и од техничката влада.
Од владејачката ДУИ рекоа дека немаат потреба да коалицираат со помалите партии, кои се обидуваат да се факторизираат споредувајќи се со нив.
„Јас мислам дека нема да има потреба од коалиција со албанските партии поради тоа што сите анкети и сите анализи кои ги направивме ние и релевантните институции, покажуваат дека ДУИ ќе добие чист мандат за да ги претставува Албанците во Владата“,
изјави денеска за ТВ21 портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.