Од Државниот инспекторат за животна средина најавија дека ќе следуваат понатамошни акти во инспекциската постапка, односно решенија со наредба за безбедно враќање на отпадот во кругот на рецикалот Еко-Старт во рок од 60 дена и забрана за работа во време од 90 дена
Санкции за четири правни и две физички лица најави денеска Државниот инспекторат за животна средина во врска со отпадот кај селото Орман.
Директорот на Инспекторатот Сретен Стојковски на денешната прес-конференција најави дека ќе следи и соодветна постапка за санкционирање за неколкуте сторени законски повреди, односно за загрозување на животната средина и природа со отпад.
„Иако постои меѓусебен договор меѓу Рецикл Еко-старт и сопствениците на парцелите на локација на приватен имот во Орман, несоодветно е транспортиран и складиран отпад кој потекнува од правниот субјект Рецикл Еко-старт, на локација коај не е наменета за складирање на ваков отпад, односно нема добиено дозвола од МЖСПП што е казниво по закон“,
појасни Стојковски.
Од Државниот инспекторат за животна средина најавија дека ќе следуваат понатамошни акти во инспекциската постапка, односно решенија со наредба за безбедно враќање на отпадот во кругот на рецикалот Еко-Старт во рок од 60 дена и забрана за работа во време од 90 дена.
Изминатиот месец инспектор од Ѓорче Петров утврди дека на приватен плац во селото Орман биле најдени 600-тони опасен отпад од акумулатори за кој граѓаните велат дека таму стои веќе шест месеци.
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова неодамна изјави дека згурата што е откриена во Орман се носела од Пробиштип.
И додека се создаваат нови депонии со илјадници тони опасен отпад, земјава со децении не може да ги реши депониите со историски опасен отпад кои се дефинирани како жешки точки.
Иако е започнато е чистење на депонијата со илјадници тони линдан во фабриката Охис во Скопје, се уште стојат депонии со милиони тони индустриски отпад од топилницата за олово и цинк во Велес, депониите на Бучим и Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј.