Во периодот од ноември 2022 година до април 2023 година, како што соопштија од Обвинителството, обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во правното лице, без согласност на тројцата лекари, ги користел нивните лични податоци со цел онлајн продажба на два производа – чаевите „паразол“ и „хипертеа“
Поради злоупотреба на лични податоци на тројца лекари во земјава, 34-годишник и фирмата во која тој е одговорно лице треба да платат вкупна казна од 6 974 евра во денарска противвредност, одлучи Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Во периодот од ноември 2022 година до април 2023 година, како што соопштија од Обвинителството, обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во правното лице, без согласност на тројцата лекари, ги користел нивните лични податоци со цел онлајн продажба на два производа – чаевите „паразол“ и „хипертеа“.
Фотографиите и имињата и презимињата на тројцата лекари биле злоупотребувани како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите кои на територија на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.
„Лажните интервјуа и објави, преземани и споделувани на повеќе веб-страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Од ОЈО посочуваат дека секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.