Левица има идеолошки проблем, велат дека агенциите за привремени вработувања се црн ѓавол, а нивните директори ги користат, значи едно зборуваат, а друго прават, вели Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ. Вие, бугарашите, немате право да зборувате за идеологија, му одговори Реџеп Исмаил од Левица. Кога ќе дојдеме на власт, нема да има такви агенции
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, и на Левица, Реџеп Исмаил, имаа жестока полемика на седницата на Советот на Град Скопје предизвикана од низа прашања со коментари упатени од Андоновски до директорката на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, претставена како кадар на Левица.
„Нападот“ на Андоновски се однесуваше на принципиелноста на Левица како политичка партија. Тој укажа дека наспроти тврдењата на претставниците на оваа партија дека не користат службени возила, нивната директорка утврдила финансиска рамка за сервисирање на автомобилот на библиотеката. Иако се работи за Градска библиотека од Скопје, таа потпишала договор за спроведување систематски прегледи со ординација од Штип, а како круна на, според Андоновски, идеолошката недоследност на Левица, функционерката од нивните редови имала и набавка на услуга во вредност од 5 000 евра со Агенција за привремени вработувања.
„Многупати претставници на Левица зборуваат дека не смеат да се ангажираат агенции за привремени вработувања, дека тоа е ерес и фрлање пари. Дали е ова дел од она ‘само слушај ме што зборам, не гледај што правам’“,
праша Андоновски.
Директорката Снежана Стојчевска аргументираше дека за службените возила не се искористени средствата, туку се планирани доколку е потребен сервис, а во однос на систематскиот превентивен преглед на вработените, посочи дека тој бил организиран во просториите на библиотеката, а избраната здравствена установа од Штип испратила лекарски тим со мобилна амбуланта за да го спроведе прегледот.
„Во однос на вработувањата, ние имаме многу голем проблем. Во последните три години 26 луѓе се отидени во пензија, а нема ниту еден примен. Сме имале 24, а сега имаме 18 објекти и една подвижна библиотека. Со намалување на кадарот, некои објекти сме принудени да ги затвораме, а во некои од нив се работи само во прва смена. Вие како Совет ни одобривте да вработиме 16 луѓе. Тоа помина во Министерството за информатичко општество, но министерката за култура одби и нашето непречено функционирање е под знак прашалник. Затоа треба да решиме, ќе затвораме библиотеки и читални, а ќе отвораме казина и обложувалници“
рече директорката образложувајќи зошто морало да се посегне по вработувања преку агенција.
Советникот Андоновски се согласи со неа и го оправда пристапот, но ја искористи говорницата за уште еднаш да ги повтори забелешките кон политиката на Левица.
„Вие изгледа треба да поразговарате со претставниците од Вашата политичка партија Левица, затоа што јас се согласувам со Вас дека вам Ви е потребна агенција за привремени вработувања и сте постапиле соодветно, но имате идеолошки проблем со Вашите претставници во Советот на Град Скопје. Тие постојано велат дека бизнис-интересот на агенциите за привремени вработувања мора да се укине, дека тие правеле многу пари на сметка на градот и институциите, требало да се оди по редовен пат, а не преку нив. Поентата ми беше дека тука од Левица агенциите се претставуваат како црни ѓаволи, а, еве, вие како нивен функционер сте принудени да ги користите за нормално да можете да работите“,
посочи Андоновски.
По настапот на Андоновски, со гласно негодување од своето место кон говорницата се упати советникот на Левица, Реџеп Исмаил, со барање за процедурална интервенција, по која започна да покажува со прстот кон Андоновски, упатувајќи грст забелешки кон неговото обраќање.
„Ти, бе, од каде, бе, имаш ти доказ дека директорката на библиотеката е од Левица? Значи ние не сме ВМРО-ДПМНЕ па да ставаме луѓе од тефтерчињата. А, кога се однесува за идеолошката доследност на Левица, дали вие, бугарашите, коишто донесовте бугарашки крила, дури и на позиција премиер на оваа држава, дали ти имаш право да ми се обраќаш за идеолошки принципи? Да, ние кога ќе дојдеме на власт, ќе нема агенции за вработувања“,
рече Исмаил.
Претседателот на Советот се извини за злоупотреба на говорницата од советникот Исмаил и уште еднаш се пожали дека градоначалничката му ја одзела можноста да интервенира и да им го исклучува микрофонот на оние советници кои упатуваат навреди и користат говор на омраза.