Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, жестоко реагираше на настапот на Американецот Едвард Џозеф на „Преспа форум за дијалог“, откако сегашниот професор и поранешен претставник на Меѓународната кризна група кажа дека ЕУ извршила предавство на сопствените вредности со незапочнувањето преговори со С Македонија
„Патот кон ЕУ: Што да очекувате кога очекувате“. Така, формално, беше насловена една од дебатите која се одржа на „Преспа форум за дијалог“ во Охрид. На списокот имаше повеќе панелисти од различни држави и профили, вклучувајќи го и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Помина околу половина час од дебатата кога дојде редот микрофонот да го преземе Едвард Џозеф, сега професор на Универзитет „Џонс Хопкинс“, а за време на и по конфликтот во Македонија, активен чинител во случувањата преку Меѓународната кризна група. Веднаш изнесе провокативна теза – дека ЕУ извршила предавство со тоа што не еднаш, туку двапати не успала да почне преговори со земјава и покрај тоа што Скопје исполнило се што е побарано.
„Кога една земја ќе направи тоа што е побарано од неа, а ЕУ потоа не испорачува, што прв пат се случи во 2019 г. кога Франција ја блокираше Северна Македонија, тоа доби соодветен назив – историска грешка. Кога ЕУ го направи тоа вторпат, сега, преку ситуацијата со Бугарија, тоа е предавство. Тоа е предавство на европските вредности. Тоа е предавство на почитувањето што го посакувате од Американците и природата на, цитирам „партнерството со ЕУ за Балканот“. Тоа е предавство. Идејата дека ЕУ ќе го „преземе“ Балканот и ќе го продолжи овој пат е фарса“,
рече Едвард Џозеф.
Тој продолжи со истиот тон, доведувајќи го во прашање статусот на Европа како глобална сила. Користејќи примери, Џозеф обвини дека Брисел се крие зад оправдувања кога станува збор за тешки прашања.
„Ако ЕУ цели кон тоа, а тоа е визијата, да има стратешка автономија како светска сила, мора да ги реши овие проблеми, што ме води до мојата трета поента. Тие проблеми се решливи. Овие проблеми во регионот се решливи. Ох, толку е тешко, Косово е толку тешко, Босна… Не е, не е толку тешко. Не е едноставно, не е лесно, но Никола (н.з. Димитров) и неговите грчки колеги покажаа дека може да се направи. Клучниот услов е ЕУ да биде обединета“,
кажа Џозеф.
Иако не се нечуени, тезите на Џозеф на настан од висок профил беа провокација и за дебатата и за претставниците на Европската Унија во просторијата. Најостриот одговор стигна од неочекувано место – амбасадор на членка на ЕУ во Северна Македонија. Иако му дојде редот речиси еден час по обраќањето на Џозеф, изминатото време не ги смири емоциите кај претставникот на Кралството Холандија во земјава, амбасадорот Дирк Јан Коп.
Надвор од вообичаениот „исплакнат“ говор типичен за дипломати, Јан Коп го врати ударот – Брисел не е исто што и Вашингтон.
„Tоа што нашиот американски пријател целосно го заборави е една разлика меѓу САД и Европа, а тоа е што Алабама нема право на вето на надворешната политика на Вашингтон. Во Европа, Бугарија има. Тоа се нарекува – владеење на правото. Ви се допаѓало тоа или не, тоа се нашите правила и Бугарија ги користи. Владеењето на правото, за мене, е многу поважно од збор како „почит“ кој јас, вообичаено, го резервирам за шефовите на мафии“,
изјави Дирк Јан Коп.
Откако го девалвираше значењето на зборот „почит“, холандскиот амбасадор продолжи со опис на делувањето на ЕУ во регионот. Прво, рече дека Брисел бил оставен сам да го „чисти“ нередот од комунизмот. Потоа, додаде дека ЕУ не дели само зборови, туку и многу пари за да заврши со теза дека основен проблем во регионот е што „не успева да биде господар на својата судбина“.
„Другата голема разлика со САД е дека веќе големиот европски експеримент доби сосема нова димензија со пропаѓањето на Советскиот Сојуз. Оттогаш, ние сме во процес на огромен развиток кој се приближува кон своето завршување, за да ја направиме Европа просперитетна и безбедна. Тоа подразбира да ги направиме овие земји членки на НАТО и да ги направиме членки на ЕУ. Во меѓувреме, не САД, туку ние го чистиме нередот во Европа што го оставија комунистите. Не само со зборови, туку со огромна сума пари. И таа огромна поддршка го опфаќа и овој регион. Во такви услови, да се зборува за предавство и напуштање, кога не успеавме да исполниме само еден датум, кога имаме една џумка на патот… Погледнете на претходните години и напредокот што е направен. Она што навистина загрижува е, како што покажа неодамнешна анкета, дека 56% од луѓето сметаат оти Владата не може да ги постигне своите цели без притисок од странство. Ова е земја која е независна една генерација и е суверена држава. Тоа е основен проблем во овој регион, дека некако, за разлика од Балтикот, да речеме, не успева да биде господар на својата судбина. Има кинеска поговорка која гласи – зошто ме мразиш, јас не ти помогнав. И ние сме тука, вклучени во се што се случува, апсолутно подготвени да помогнеме, апсолутно решени да го внесеме овој регион во ЕУ. Но, да зборуваме за историски грешки и предавство е апсурдно“
кажа Јан Коп.
Настапите на Едвард Џозеф и Дирк Јан Коп се дел од вечерашното издание на емисијата „360 степени“. Во него, со почеток од 22 часот на ТВ Алсат, ќе можете да ги видите интервјуата со американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, австрискиот министер за надворешни работи, Александер Шаленберг, и европратеничката од Словенија, Тања Фајон.