„Додека жртвата спиела во заедничкиот дом, осомничената, која подолг период се заканувала дека ќе го стори делото, ја удрила својата мајка со тврд предмет (чекан) по главата. Сведок бил таткото на осомничената, кој ја задржал и не ѝ дозволил да избега по настанот“, велат од ОЈО во описот на случајот
Триесет и двегодишна кавадарчанка со чекан ја удирала мајка си по глава додека таа спиела во заедничкиот дом, информира Обвинителството. Оттаму велат дека Основниот суд во Кавадарци на предлог на јавен обвинител на осомничената ѝ определил мерка притвор во траење од 30 дена.
Кавадарчанката, како што информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци, вчера наутро се обидела да ја лиши од живот сопствената мајка.
„Додека жртвата спиела во заедничкиот дом, осомничената, која подолг период се заканувала дека ќе го стори делото, ја удрила својата мајка со тврд предмет (чекан) по главата. Сведок бил таткото на осомничената, кој ја задржал и не ѝ дозволил да избега по настанот“,
велат од ОЈО во описот на случајот.
Од Обвинителството велат дека, имајќи ја предвид висината на максималната казна за ваков облик на кривично дело, постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот или обид да се доврши делото и поради тоа јавен обвинител доставил предлог до кавадаречкиот Основен суд за определување мерка притвор, кој синоќа бил прифатен.
Вчера за случајот информираа од Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес од каде што рекоа дека ОВР Велес до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднело кривична пријава против В.Ѓ.М. (32) од Кавадарци.
Од СВР Велес рекоа дека настанот се случил вчера во 03:15 часот во семејниот дом во Кавадарци, каде што В.Ѓ.М. со тврд предмет ја нападнала својата 60-годишна мајка и ѝ нанела тешки телесни повреди. Повредената жена, со повреда на главата, голема исеченица и оток на местото на ударот, била пренесена во кавадаречката болница.