„Заканите зачестија. Се случуваат на секој втор или трет ден. И конечно се решив да пријавам. Дали ќе продолжат тие закани или не, не можам да ви кажам однапред. За она што беше пријавено како прв настан немам никаква информација. За тој што лично ми се закануваше, тој беше приведен во полициска станица. До каде е постапката и што се случува понатаму, не би можела да одговорам“, рече претседателката на Уставниот суд
Според неа, во 2023 година се одржани рекордни 46 седници и тоа во период, како што додаде, кога судот функционирал со помалку судии, што рече дека не било случај од постоењето на Уставниот суд
Трпам закани неколку години наназад. Нема недела да помине, а да немам некоја закана. Бев и физички нападната. Но, никогаш претходно не пријавував зашто сметав дека се работи за изолирани случаи. Не сакав да ја оптоварувам ниту јавноста ниту органите на прогонот.
Ова денеска на прес-конференција, на која презентираше дел од активностите за време на нејзиниот тригодишен мандат, го изјави претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска одговарајќи на новинарско прашање дали има некаква разврска во однос на заканите кои изминатиот период беа упатени кон неа.

„Но, заканите зачестија. Се случуваат на секој втор или трет ден. И конечно се решив да пријавам. Дали ќе продолжат тие закани или не, не можам однапред да ви кажам. За она што беше пријавено како прв настан, немам никаква информација. За тој што лично ми се закануваше, тој беше приведен во полициска станица. До каде е постапката и што се случува понатаму, не би можела да одговорам“,
рече таа.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска пред две недели веднаш до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож. Таа добивала закани и на социјалните мрежи, за кои, вели дека не реагирала сè до случајот во нејзината гаража.
Кацарска рече дека за неколку дена затвора едно значајно поглавје од нејзиното служење како претседателка на Уставниот суд, а дека по тој повод ќе даде осврт на преземените обврски кои, како што рече, ја поткрепиле смислата на владеењето на правото во рамките на Уставниот суд.
„Успеавме да го надминеме секој тест на издржливост и непристрастност на судот и не потклекнавме на еден од најспецифичните предизвици кои ги памети историјата на судот, а тоа е 17 месеци функционирање на работ на кворумот, со само пет судии, а потоа и без една третина од судиите“,
вели таа.
Според неа, тоа е период од речиси половина од нејзиниот мандат, но, како што нагласи, сега граѓаните и новиот претседател можат да бидат комотни бидејќи, додаде дека оваа ситуација е успешно менаџирана и нема натрупани или заостанати предмети.
Сепак, во фокусот на нејзиното обраќање, беше Актот што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат, за што посочи дека судот после 30 години донел ваков современ и револуционерен акт.
„По првпат Уставниот суд ќе им овозможи на правните лица и на странските државјани да поднесат барање и да побараат заштита за нивните слободи и права и можноста Народниот правобранител да поднесува барања за заштита на слободите и правата во име на оние граѓани кои тоа сами не можат да го сторат. Овој нов Акт на Уставниот суд предвидува и т.н контролни механизми за судиите и претседателите, да не може да се чуваат предмети „во фиока” со години, како што за жал беше случај во минатото. Се предвидува рок од најмногу шест месеци во кој судиите треба да го предадат рефератот и да го завршат предметот. Уште поважно, претседател на Уставниот суд откако ќе ги добие готовите предмети, не смее да ги чува подолго од еден месец и во тој период од 30 дена ќе мора да ги стави на дневен ред на седница“,
рече таа.
Според неа, во нејзиниот мандат се намалил бројот на стари предмети, од кои некои, како што посочи, се чувале и по десетина години, а статистиките што ги водат покажале дека има раст на укинати или поништени акти.
„Во минатото ретко се случувало да се носат одлуки за укинување или поништување. Во овој мандат има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и други акти и прописи, додека во делот за поништување се работи за 6 такви одлуки. Станува збор за закони или акти кои се донесени од различни собраниски состави, факт којшто говори за непристрасноста на Уставниот суд“,
вели Кацарска.
Во овој момент, како што додаде таа, судот работи со полн капацитет, односно со вкупно девет судии и пополнетост на службата според потребите за работа, а помеѓу останатите вработени, потенцираше и дека за прв пат е вработен информатичар.
Како што посочи, по првпат во Уставниот суд е оформена канцеларија за класифицирани информации иако, како што рече, таа обврска постоела петнаесетина години наназад.
Според неа, во 2023 година се одржани рекордни 46 седници, и тоа во период, како што додаде, кога судот функционирал со помалку судии, што рече дека не било случај од постоењето на Уставниот суд.
„Почнувајќи од вработувањето на портпарол-советник за односи со јавноста на Уставниот суд за прв пат, враќање на редовните брифинзи и прес конференции, брзи одговори за сите новинари. Впрочем оценката за транспарентноста ја даваат самите новинари или околу 90 опфатени во истражувањето кое го спроведе Судот минатата година. Како еден пример, 98 отсто од нив одговориле дека се задоволни со нашето информирање, а 84 проценти дале највисоки оцени за одговорите кои ги добиле од Судот“,
рече таа.
Најави дека Уставниот суд во следните денови ќе ја пушти новата веб-страница и потсети на поштенската марка која ја промовираа во февруари.
Според неа, изготвена е и студија за афирмирање на потребата од воведува на уставната тужба.
„Го завршувам овој мандат со чувство на исполнетост водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив. На крајот, им се заблагодарувам на колегите судии, на сите вработени и на сите граѓани кои веруваа во капацитетот и независноста на Уставниот суд“,
изјави Кацарска.
На новинарско прашање што очекува од нејзиниот наследник, Кацарска рече дека очекува судот и понатаму да биде ажурен, да се постапува по сите предмети, како што додаде, без оглед од кого е поднесена иницијативата.
„Очекувам да продолжи таму, каде што застанав јас“,
рече таа.
Тригодишниот мандат на претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска истекува на 2 јуни, а нејзиниот наследник треба да се избере од редовите на судиите.
Таа беше избрана за нова претседателка на Уставниот суд во мај 2021 година. Таа доби шест гласа „за“ од вкупно девет уставни судии, со што беше постигнато потребното двотретинско мнозинство за избор на претседател на Судот.
Актуелни судии во Уставен суд од кои до крајот на месецов некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска и Ана Павловска Данева.
Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.