„Ако ги слушате политичарите и ако им поставите прашање дали поддржуваат уставна жалба, воведување на овој институт во интерес на граѓаните, сите поединечно, а и како политички партии ќе ви речат дека силно го поддржуваат, но кога ќе дојде моментот да ова се спроведе во пракса, таква волја не гледам кај политичарите“, изјави претседателката на Уставниот суд
Својата силна поддршка за воведувањето на институтот уставна жалба и уставна тужба како што се нарекува некаде, денеска ја повтори шефот на државата кој посочи дека цела серија парламентарни состави не собраа сили да го направат тоа
Винфред Шуберт, поранешен претседател на покраински Уставен суд, прашан каква е според него ситуацијата во земјава по ова прашање и кои се клучните забелешки за тоа што треба да се преземе тој изјави дека во студијата што ја напишал за Уставниот суд заклучува дека земјава има основи за воведување на уставната жалба, кои произлегуваат од самиот Устав на земјава
Македонскиот Устав нуди голем број слободи и права на граѓаните, но за прекршувањето на голем дел од нив тие не можат да се обратат до Уставниот суд бидејќи во земјава не постои институтот уставна жалба, посочи претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, во изјава за медиумите.

Таа, како претседателка на уставниот суд, денеска беше домаќин на завршната конференција на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба“ што се одржа во Скопје со поддршка на германската фондација за меѓународна правна заштита – ИРЗ.
Конференцијата на едно место собра претседатели и судии на уставните судови на Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, професори, експерти и поранешни судии на германски судови кои ги пренесоа своите искуства со практикувањето на уставната жалба.
Беа изложени и аргументи за потребата и заложбите за воведување на уставната жалба и во Северена Македонија како значен чекор напред во остварувањето на граѓанските слободи и права.
„Ако го погледнете нашиот Устав од член 9 па некаде до член 50 нашите граѓани уживаат навистина многу слободи и права. Во тој дел нашиот Устав е навистина демократски акт. Меѓутоа граѓаните имаат право на заштита пред Уставниот суд само за некои слободи и права. На пример кога е сопственоста во прашање, правото за наследување, понатаму слободата на тајноста на писмата и другите општења, потоа Уставот дава силна заштита на мајчинството, на децата, на лица помлади од 18 години, но за било кое прекршување на овие права граѓаните за жал не можат да се обратат пред Уставниот суд“,
рече Кацарска во изјава за медиумите во рамките на Конференцијата.
Претседателката на Уставен како друг момент го истакна правото на здрава животна средина, за кое поради отсуството на уставната жалба граѓаните не можат да се обратат пред Уставниот суд.
„Тоа е тема за којашто и вие медиумите постојано говорите. Се зборува дека еве, Скопје, на пример, е загаден град што влијае на здравјето на луѓето, но истите не можат да се обратат пред Уставниот суд. Ги слушнавте бројките на уставните судови на земјите од нашето соседство и гледате за колкав број на поднесени барања станува збор. Тоа зборува дека граѓаните имаат потреба да ги остваруваат своите права пред Уставниот суд“,
истакна Кацарска.

Говорејќи во оваа насока, таа посочи дека иако Македонија беше една од шесте републики на поранешна Југославија остана единствената којашто ја нема уставната жалба.
„И ова како да е некаква пракса, како политичарите да не сакаат да отстапат од праксата да Македонија честопати за битни работи останува да биде последна“,
изјави претседателката на Уставниот суд.
Говорејќи за односот на политичарите кон темата уставна жалба или уставна тужба како што некаде се нарекува, претседателката на Уставен рече дека била голем оптимист дека ќе успееме да го воведеме овој институт, но повеќе не е. Причината, посочи, е во отсуството на политичка волја.
„Ако ги слушате политичарите и ако им поставите прашање дали поддржуваат уставна жалба, воведување на овој институт во интерес на граѓаните, сите поединечно, а и како политички партии ќе ви речат дека силно го поддржуваат, но кога ќе дојде моментот да ова се спроведе во пракса, таква волја не гледам кај политичарите. Бев голем оптимист и мислев дека во овие изминати две и пол години што ги имам овие контакти и за што се залагам јас бев оптимист дека ќе успееме да ја воведеме уставната жалба во Македонија, но повеќе не би можела да кажам дека сум оптимист затоа што политичарите секогаш некако гледаат да удоволат само на една одредена група граѓани или да се решат некои проблеми да се направи некоја промена ако сметаат дека со тоа ќе им се зголеми нивниот углед. Не знам која е причината и зошто тој отпор да се направи нешто буквално за сите граѓани во државата“,
изјави Кацарска.
Силна поддршка уште од самиот почеток, како што посочи таа доаѓа од претседателот на државата Стево Пендаровски, кој беше и прв говорник на денешниот настан.
Давајќи осврт на историјатот на Уставниот суд, од неговото формирање 1963 година, почетокот со работа една година подоцна, неговата улога на почетокот на 1990-те за време на осамостојувањето на државата, како и неодамна за време на пандемијата со ковид-19, рече оти смета дека уставниот суд во иднина треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи.

Еден начин, како што рече, е измена на Уставот и воведувањето на уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите. За жал, како што посочи, цела серија парламентарни состави не сообраа сили да го направат тоа.
„Сакам без резерва да ја поддржам оваа ваша иницијатива. Уставната тужба е потврдено ефикасно средство, а најдобар пример за тоа е токму практиката на Уставниот суд на Сојузна Република Германија чиј одлуки се инспирација за многу правници кои работат во оваа област. Иако досега постоеја повеќе иницијативи за измена на Уставот во оваа насока за жал цела серија парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а од дискусиите за измена на уставот со цел воведување на уставната тужба завршуваа во партиско-политички пазарења и надмудрувања за сосема други прашања кои немаа никаква врска со темата“,
рече Пендаровски во своето обраќање.
Тој, додаде, оти се надева дека во скора иднина и политичката и стручната јавност ќе ја разберат важноста од воведување на уставната тужба „како важен сегмент во реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи.
„Без сомнение евентуалниот развој во оваа насока ќе биде корисен и за другите судови, но и непосредно за граѓаните“, рече Пендаровски.
Искуства со примената на уставната жалба со медиумите сподели Винфред Шуберт, поранешен претседател на покраински Уставен суд во Германија.
„Во однос на уставната жалба можам да кажам дека Сојузна Република Германија има многу добри искуства и дека бројките на поднесоци на уставниот суд на Сојузна Република Германија се слични како оние кои беа наведени денеска на конференцијата во случајот со судот во Босна и Херцеговина каде 95 проценти од сите поднесоци на Сојузниот уставен суд се уставни жалби“,
вели Шуберт.

Тој, како пример, посочи две одлуки на Уставниот суд. Едната се однесувала на т.н. интертемпорално право, а друга на заштита на климатските услови, која особено ја потенцираше.
„Една од одлуките на сојузниот уставен суд е многу битна и би сакал да ја споменам, а тоа е одлуката дека мерките што се преземаат за заштита на климатските услови не смеат да се пренесат на следните генерации. Тоа значи дека одговорноста што сега ја имаме во однос на климатските услови не треба да им се пренесе на следните генерации. Ова произлезе токму од уставна жалба, поднесена до сојузниот уставен суд од приватно лице“,
рече поранешниот покраински уставен судија.
Прашан каква е според него ситуацијата во земјава по ова прашање и кои се клучните забелешки за тоа што треба да се преземе, Пирнер повикувајќи се на германските искуства рече дека тоа што може да го каже е дека „најбитно да се воведе закон за Уставниот суд и на тој начин најјасно и најтранспаретно да се објасни самата уставна жалба.
„Јас напишав студија за состојбата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во која доаѓам до следниот заклучок – основи за воведување на уставна жалба имате, бидејќи во вашиот Устав во член 110 е вкоренета таа можност, можноста за заштита на човековите права, а како таа ќе се заштити ако не преку судот кој преку своите одлуки треба да ги заштити правата на граѓаните. Значи уште сега без било какви други дополнителни мерки вие можете да ја воведете уставната жалба“,
порача Шуберт.