Претседателката на Комисијата за прашања за изборите и именувањата разговарала со нејзините членови и ги чека да ѝ дадат информации за предлози и кога ќе има веднаш ќе закаже седница
Откако вчера преку соопштение Уставниот суд алармираше за сериозноста на ситуацијата поради тоа што со месеци не може да се изберат уставни судии, денеска претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, во изјава за медиуми им порача на пратениците да го почитуваат највисокиот правен акт во државата.
На Уставниот суд му фалат четворица судии и тој сега функционира само со пет, што е на работ и од потребниот кворум за одржување седници. Поради ваквата ситуација, за дел од предметите, не може ни да се носат одлуки бидејќи нема мнозинство гласови. Оние што треба да ги изберат новите уставни судии се пратениците, па оттука и денешната порака на Кацарска до нив.
„Сега веќе се работи за голем број предмети, секако дека е преку 30 и состојбата во Уставниот суд е веќе алармантна. Токму во оваа ситуација би сакала да наведам дека верувам дека пратениците го познаваат Уставот, дека ја знаат содржината на член 51 од став 2 од Уставот согласно која секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Токму затоа би им порачала на пратениците: Почитувајте го Уставот“,
порача Кацарска.
Во Собранието со месеци не може да се утврдат предлозите за уставни судии, а Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собранието, чиј филтер треба да го поминат кандидатите за уставни судии, неколку месеци беше и без претседател, со оглед дека пратеникот Костадин Костадинов, кој беше на таа функција, на локалните избори во октомври лани стана градоначалник на Струмица и го напушти парламентот.
На негово место за претседателка на Комисијата на 16 март годинава беше избрана пратеничката Марија Георгиевска од СДСМ, која вели дека досега нема информации оти има предлози за судии, а кога ќе има ќе закаже продолжение на седницата.
„Разговарав со членовите на Комисијата и очекувам во најскоро време да ме известат за нивни предлози. Веднаш штом имам информација дека има предлози, ќе закажам продолжение на комисијата за предлагање уставни судии“,
ни одговори Георгиевска на нашите прашања кога ќе се закаже продолжение на седницата и дали и колку предлози за уставни судии има.
Три од сега испразнетите четири места во Уставниот суд се ослободија уште во мај 2021 година кога завршија мандатите на тројца судии: Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски.
Набргу по истекот на нивниот мандат во јуни минатата година почна комисиската седница која помина во тензична атмосфера и на која пратениците не успеаја да утврдат предлози за уставни судии.
Комисијата не функционираше и затоа што по локалните избори, освен испразнетото место на Костадинов, партии полемизираа и дали пратеникот Фадил Зендели од Беса треба да го задржи местото член на Комисијата со оглед дека неговата партија реши да излезе од владејачкото мнозинство и да премине во опозиција. По неколку месеци, на 3 март годинава, модифицираното мнозинство, кое беше на став дека пратеникот не треба да го зазема местото кое ѝ припаѓа на владејачката коалиција, успеа да го разреши Зендели. На истата пленарна седница на 16 март, кога Георгиевска беше избрана за претседателка, на местото на Зендели пратениците за нов член го избраа и Дарко Каевски од СДСМ.
- По писмото на Кацарска до Џафери: Поради опструкции, Собранието моментно не може да избере уставни судии
- Мнозинството го разреши Зендели и отвори врата за деблокада на собраниските комисии
- Ќе се одблокира Комисијата за изборите и именувањата: Пратениците изгласаа претседателка и нов член на местото на Зендели
Во меѓувреме, во Уставен се испразни и четвртото столче бидејќи кон средината на јануари годинава заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Покрај претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, во моментов со актуелен мандат се и судии: Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
На Маркудова во ноември оваа година ќе и истече деветгодишниот мандат, па во Уставен ќе се испразни уште едно место.
Ајдари, Кадриу и Костадиновски, пак, беа избрани во јануари односно март 2018 година, што значи дека нивниот мандат ќе истече во 2027 година. Кацарска беше последната што му се приклучи на Уставен, нејзиниот деветгодишен мандат започна во ноември 2020 година.