Според договорот, што допрва треба да биде официјално објавен, се очекува Хамас и неговите сојузнички милитантни групи да ослободат 33 заложници од Израел. За возврат, Израел ќе ослободи стотици палестински затвореници
Катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани рече дека посредниците очекуваат договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас да стапи во сила в недела, 19 јануари.
На прес-конференција во катарската престолнина Доха, Ал Тани им се заблагодари на претставникот на американскиот претседател Џо Бајден, Брет Мекгурк, и на претставникот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф.

„Катар, Египет и САД со задоволство го објавуваат успехот на заедничките посреднички напори откако завојуваните страни во Газа постигнаа договор за размена на затвореници и заложници“,
посочи тој.
Според договорот, што допрва треба да биде официјално објавен, се очекува Хамас и неговите сојузнички милитантни групи да ослободат 33 заложници од Израел. За возврат, Израел ќе ослободи стотици палестински затвореници.
Тројца американски функционери и еден функционер на Хамас потврдија дека е постигнат договор, додека висок израелски функционер рече дека некои детали сѐ уште се разработуваат. Каков и да е постигнатиот договор, тој мора да биде одобрен од владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, но се очекува да стапи во сила во наредните денови.
Официјални лица запознаени со наводниот договор споделиле дополнителни детали со Ројтерс. Се чини дека има три фази, од кои првата трае шест недели. Оваа фаза вклучува постепено повлекување на израелските сили од центарот на Газа и враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.
Договорот предвидува дека за време на прекинот на огнот, 600 камиони со хуманитарна помош ќе бидат дозволени во Газа секој ден, од кои 300 ќе бидат наменети за север. Хамас ќе ги ослободи заложниците во период од шест недели, по три секоја недела, а останатите ќе бидат ослободени до крајот на првата фаза.