Според УНИЦЕФ, недостигот на лекови и медицински материјали во Газа доведе до операции на деца без употреба на анестезија
Катар посредувал за договор меѓу Израел и Хамас со кој ќе се доставуваат лекови до израелските заложници во Газа во замена за испорака на лекови и хуманитарна помош за палестинските цивили, пренесува Си-ен-ен.

„Лековите заедно со друга хуманитарна помош треба да се достават до цивилите во Појасот Газа, во најпогодените и најранливите области, во замена за доставување лекови потребни за израелските заробеници во Газа“,
се вели во соопштението на катарското Министерство за надворешни работи.
Лековите и помошта од Доха ќе се упатат кон Египет пред да бидат транспортирани во Газа, додаде Министерството.
Роднините на повеќе од 100 заложници за кои се верува дека се живи во Газа, бараат да им се пренесат лекови на нивните најблиски.
Поминаа повеќе од три месеци откако борците на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи 1 200 луѓе и зедоа повеќе од 240 како заложници.
Од Форумот за заложници и исчезнати семејства велат дека секој нов ден во заробеништво дополнително ги загрозува нивните животи и здравје.
Најмалку една третина од заложниците имаат хронични болести и им требаат лекови, се вели во извештајот објавен минатата недела на форумот, додавајќи дека другите страдаат од болести поврзани со суровите услови на заробеништво, кои вклучуваат ментална и физичка тортура.
Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, во вторникот соопшти дека од почетокот на војната, загинале 24 285 Палестинци. Меѓу загинатите има 10 600 деца.
Според УНИЦЕФ, недостигот на лекови и медицински материјали во Газа доведе до операции на деца без употреба на анестезија.
Катар одигра клучна улога во посредувањето меѓу Хамас и Израел, што доведе до кратко примирје во ноември и ослободување на повеќе од 100 заложници, како и стотици палестински затвореници кои ги држеше Израел.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), кој помогна да се олесни ослободувањето на заложниците во ноември, не може да ги посети преостанатите заробеници во Газа и не знае каде се тие.
Не е јасно дали Црвениот крст ќе помогне да им се пренесат лековите на заложниците.
Израел за време на војната дозволи ограничена количина помош и лекови да влезе во Газа, но потребно е многу повеќе, велат хуманитарните групи.
Обединетите нации се пожалија дека Израел ја отфрла мисијата за испорака на материјали во северниот дел на Газа.
Според нив, се проценува дека 1,9 милиони луѓе, или 85 отсто од населението на Газа, сега се внатрешно раселени, додека само 15 од болниците остануваат во функција.