Каселакис најави доставување на нивниот предлог-закон за истополови бракови и паралелно побара од Мицотакис да се изјасни дали поддржува брачна еднаквост
Лидерот на Сириза, Стефанос Каселакис, побарал од претседателот на пратеничката група Сократис Фамелос, штом се отвори парламентот, одново да биде доставен нивниот предлог-закон за истополовите бракови.
Каселакис на социјалните мрежи утрово објави дека од Фамелос побарал доставување на законот бидејќи, како што напиша, „по вчерашната одлука на премиерот да го одложи неговиот предлог-закон“, ова е неговата единствена опција.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа, по заклетвата на новите министри, во разговор со новинарите за тоа кога ќе биде доставен законот за истополовите бракови, рекол дека прво треба да објаснат што планираат, а потоа ќе говорат за временски рок.
По ова, Каселакис најави доставување на нивниот предлог-закон и паралелно побара од Мицотакис да се изјасни дали поддржува брачна еднаквост.
„Господине Мицотакис, правите да се чувствуваме како граѓани од втор ред. Кога еден човек е жеден за еднаквост и инклузија, не му велиш ‘чекај да ти објаснам’, како што изјавивте вчера. Нема што да му се објасни на народот во врска со бракот за сите. Исто како што немаше што да им објаснат на општествата лидерите кои во нивното време го укинаа ропството, ги воведоа правото на глас на жените, родовата еднаквост, граѓанскиот брак, граѓанското партнерство. Општествата никогаш не се подготвени, ако нивните лидери не се подготвени. Вие не можете, можеме ние. Вие се плашите, ние не“,
напиша на социјалните мрежи лидерот на Сириза.
Стефанос Каселакис, 35-годишен американски државјанин, претходно непознат во Грција, во септември 2023 година успеа да стане нов лидер на најголемата грчка опозициска партија Сириза. Тој е првиот лидер на политичка партија во Грција кој е геј и кој отворено го кажа тоа. Каселакис живее во граѓанско партнерство во САД со својот партнер Тајлер Мекбет.