Беса на Биљал Касами и Алијансата за Албанците на Зијадин Села на претстојните предвремени парламентарни избори ќе настапат заедно. Касами за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ вели дека долго размислувале за оваа одлука поради тоа што Села инсистирал да се вклучи уште една партија која сега е дел од владината коалиција.
„Алијансата за Албанците даде конкретен предлог и настојуваше во овој блок да се вклучи уште една партија која во моментов е дел од владината коалиција. Тоа инсистирање беше пречка ние порано да се одлучиме да одиме во тој формат на соработка и предизборна коалиција. Но, разгледувајќи ја ситуацијата и инсистирањето кое на моменти можеше да биде пречка да се постигне договор за соработка со Алијансата за Албанците, ние на последната седница на ЦО одлучивме дека иако може вклучувањето на една партија од владината коалиција да наштети на една чиста опозициска опција која би била многу поедноставно понудена кон гласачите, да не бидеме пречка кон обединување на албанскиот фактор во Северна Македонија го прифативме тој услов“,
вели Касами за „Утрински брифинг“.