Градоначалникот изјави дека Кризниот штаб донел повеќе заклучоци според кои ќе се бара помош од Владата за надоместување на штетите на граѓаните, чистење на речните корита и помош и од Град Скопје за чистење на улиците
Општина Тетово ќе бара помош од Владата за надоместување на штетите по силното невреме што го зафати градот, информираше градоначалникот Биљал Касами по состанокот на Општинскиот кризен штаб.
Тој рече дека во невремето поплавени биле голем број улици, дворови и подруми на куќи, училишта и градинки, а има големи штети и на земјоделските поседи.

Според Касами, состојбата на терен покажала дека општината воопшто не била подготвена за вакви ситуации.
„Неадекватните инвестиции во делот на атмосферската канализација дадоа резултат на тоа повеќе од улиците, повеќе од булеварите и кружени текови да бидат блокирани и беа под вода. За жал, дел од таа вода отиде во подрумите на куќите и во целото градско подрачје кое е во долниот дел на градот. Од сабајле сум на терен со противпожарната и спасителна екипа во рамките на Општина Тетово каде интервениравме и дел од проблемите ги решаваме во од. Во ситуацијата интервенираме и за испумпување на водата од подрумите на граѓаните“,
изјави Касами.
Градоначалникот изјави дека кризниот штаб донел повеќе заклучоци според кои ќе се бара помош од Владата за надоместување на штетите на граѓаните, чистење на речните корита и помош и од Град Скопје за чистење на улиците.
„Ќе воспоставиме контакт број за пријавување на штетите од страна на граѓаните,воспоставување континуирана комуникација со Центарот за управување со кризи, полицијата и Дирекцијата за заштита и спасување во врска со преземањето на мерки на претпазливост за избегнување на поголеми штети. Да се интервенира во делот на атмосферската канализација и да се провери исправноста на водата за пиење“,
рече Касами.