На основачкото собрание на тетовскиот огранок на Движењето Беса, се официјализираше кандидатурата на партискиот лидер Билал Касами за градоначалник на Тетово, јави дописникот на МИА.
Од градскиот плоштад во Тетово, Касами порача дека ќе се бори за европско Тетово.

„Ќе го вратиме сјајот на Тетово, ќе му го вратиме животот, ќе му ја вратиме гордоста“,
порача Касами на социјалните мрежи.
Денеска и ДУИ ја потврди Теута Арифи за нивна кандидатка за нов мандат на чело на оваа општина.
Досега, свој кандидат објави и СДСМ. Социјалдемократите во овој град ќе настапат со стоматологот Хамдија Елезовиќ.
СДСМ, ДУИ и Беса се најголемите коалициски партнери во централната власт, а договорија соработка и за локалните избори. Од партиите досега најавија дека доколку сите имаат свои кандидати во некоја општина, поддршка ќе си дадат во вториот круг во случај некој од нивните кандидати да се соочи со кандидат од опозициските партии.
„Кога имаме кандидат од СДСМ, ДУИ, Беса, ДПА, како на пример, Тетово, тогаш е логично граѓаните да ги оставиме сами да одлучат, вклучително и нашите членови. Ќе си гласаме сите за свој кандидат. Таму каде што СДСМ нема свој кандидат, тогаш на нашите членови ќе им препорачаме за тоа што е најдобро за нив. Во вториот круг, кога ќе влезе еден од коалициските партнери, логиката вели дека ќе си гласаме за тој од коалицијата, да го поддржиме. Ако се случи во втор круг да влезат двајца коалициски партнери, логично е да се држиме принципиелно и коалицијата да остане за сите, односно сите наши членови ќе добијат напатствија да гласаат онака како што мислат дека е најдобро за нашата општина“,
изјави вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Од Алијанса за Албанците и Алтернатива, пак, сè уште не е официјализиран кандидатот со кој тие ќе ја бараат довербата од тетовци. Дел од медиумите најавија дека нивниот кандидат ќе биде познат утре.