„Кои се резултатите од тие средби? Кој е бенефитот за граѓаните и за државата од тие средби, а во контекст на помошта што најмногу ни треба во моментот од САД, а тоа е за одблокирање на евроинтеграцискиот процес? Дали нешто се разговара на тема САД да ни помогнат во дијалогот со Софија“, прашува заменик-претседателката на СДСМ
Нејасно е што сака да каже премиерот кога вели дека со посетите на Вашингтон запоседнува терен и дека се реди во некаков ред. Граѓаните треба точно да знаат со кој и за што се среќава Христијан Мицкоски во САД и што се разговара на тие средби, вели заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

„Искрено да ви кажам, апсолутно ми е нејасен премиерот што сака да каже, кој тоа терен тој го запоседнува? Дали е тоа терен што го запоседнува во име на државата? Ако е така, кои се државните ставови во однос на запоседнување на теренот? Што значи тоа се редиме први во редот“, коментира Каранфилова-Пановска за изјавата на Мицкоски по враќањето од САД, во која вели дека ова е ново нормално што ќе го преплави светот и дека ние мора да бидеме дел од првите во тој бран.
СДСМ го поздравува чинот што Мицкоски учествува на различни партиски конференции и настани во Вашингтон во изминативе три месеци, вели Каранфилова-Пановска, но додава дека не е јасно дали се разговарало за одблокирање на евроинтеграциските процеси.
„Кои се резултатите од тие средби? Кој е бенефитот за граѓаните и за државата од тие средби, а во контекст на помошта што најмногу ни треба во моментот од САД, а тоа е за одблокирање на евроинтеграцискиот процес? Дали нешто се разговара на тема САД да ни помогнат во дијалогот со Софија? Тоа што сакам да кажам е дека апсолутно граѓаните и државата треба и мора да добијат информации кои се тие официјални средби коишто премиерот Христијан Мицкоски ги имаше во Вашингтон, што се разговараше на нив, која е таа поддршка и помош што можеме да ја добиеме од САД и апсолутно сè она што оди на линија на поддршка и помош на развојот, напредокот, интеграцијата на Република Северна Македонија, СДСМ нема што друго освен да го поздрави и да го поддржи“, вели заменик-претседателката на СДСМ.
Заменик-претседателката на СДСМ го нагласува стратешкото партнерство со САД и ЕУ и вели дека токму во мандатот на претседателот Доналд Трамп Македонија го потпиша Преспанскиот договор и стана членка на НАТО. Таа смета дека во моментов не треба да се заземаат страни во глобалната политика.
„Република Северна Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. И апсолутно сметаме дека во овој момент, овој деликатен момент за целиот свет не е воопшто паметно да се зазема ниедна страна. Напротив ние мора да работиме на тоа Соединетите Американски Држави и Европската Унија колку може поскоро повторно да ги усогласат или да додржат на идентичните ставови кога станува збор за безбедносната политика во светот и глобално, затоа што само така ќе и помогнеме на нашата држава. Никому не му оди во прилог, нам како држава којашто е мала и лоцирана централно во Балканот, најмалку ни оди во прилог во оваа ситуација да одбираме било каква страна“, изјави заменик-претседателката на СДСМ.
Таа ги отфрла обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ е за промена на прозападниот курс и за дистанцирање од нашите стратешки партнери, а исто така смета дека во моментов нема ниту еден официјален претставник на САД којшто гласно и официјално кажува за промена на политиките на САД во однос на регионот и на Македонија.
Прашана што би се случувало доколку се создаде вакуум во регионот во однос на влијанието кое САД го имаа во Западен Балкан како фактор за стабилност и поддржувач на демократскиот развој, заменик-претседателката на СДСМ одговара дека Република Северна Македонија географски, култролошки, образовно, историски припаѓа на Европа и не смее да скршне од тој курс.
„Европа и европскиот континент е граден на основите на просветителството. ЕУ е градена на темелите и на борбата на антифашизмот, ЕУ е темелена и градена на принципите на демократијата, на човековите права, на слободите, на различност итн. И мислам дека темелите на нашата држава се базираат на овие вредности што ги спомнав претходно. И во тој контекст ќе видиме како геополитички, работите се менуваат од час во час, не знаеме кои ќе бидат новите контури, ако воопшто има нови контури. Но, она што за СДСМ како државотворна партија е важно и она што како вредносен темел на нашата партија е важно, е дека Република Северна Македонија и граѓаните апсолутно се залагаат и нема да отстапат ниту од демократијата ниту од слободите ниту од антифашистичката борба, ниту од почитувањето на различностите и се што тоа подразбира“, одговара Каранфилова-Пановска.
Таа смета дека сè ќе беше поедноставно доколку беше отпочнато отворањето на поглавјата во преговорите со ЕУ.