Универзитетската професорка вели дека не е приврзаник на теории на заговори, меѓутоа, „ова некако премногу ми е индикација дека нешто чудно се случува на теренот”
Коментирајќи ги последните иницијативи на ДУИ, Каракамишева-Јовановска рече дека во Македонија мора да почне да се применува принципот на одговорност многу посилно, па дури и забрана на постоење на политички субјект ако тие промовираат идеи кои водат кон рушење на уставниот поредок
Наместо фокусот на вниманието да биде насочен кон истраги и ревизии, ние сега се занимаваме со подметнати пожари, симптоматично, во источниот, централниот и јужниот дел од Македонија.
Ова е мислењето на универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска, која во вчерашното интервју во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа, говорејќи за последиците од владеењето на СДСМ и ДУИ, се посомнева дека пожарите во земјава, особено во одредени региони, се обид да се пренасочи вниманието на новата власт и на јавноста.

На состојбата со пожарите Каракамишева-Јовановска се надоврза откако го коментираше Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото во Северна Македонија, за кој оцени дека е врела шлаканица за СДСМ и ДУИ.
„Гледаме во каква состојба се наоѓа буџетот, гледаме во каква состојба се наоѓа судството, здравството, образованието, сè е клекнато на колена. И сега уште ни фали пироманска политика, многу симптоматично, во која наместо фокусот на вниманието да биде насочен нели кон истраги итн., на ревизии, ние сега ќе се занимаваме со подметнати пожари кои гледаме дека го пеплосуваат, многу интересно, источниот, централниот и јужниот дел од Македонија“,
рече професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Таа додаде дека не е приврзаник на теории на заговори, меѓутоа, „ова некако премногу ми е индикација дека нешто чудно се случува на теренот”.
„Дополнително што веќе имаме и сознанија од страна на Центарот за управување со кризи дека најголем дел (од пожарите) се подметнати и тоа многу е вака индикативно затоа што се надоврзува на лошиот период на менаџирање на Владата, затоа што ние имавме одредени сознанија дека буџетот им е планиран до август. Иако не сум дел од политиката, не сум дел од институционалниот менаџмент, имав сознанија дека, еве да кажам, во образованието платите се до август испланирани, после тоа Господ нека ни е на помош. Така имам сознанија од одредени извори што ми се блиски“,
изјави Каракамишева-Јовановска.
„За идеите на ДУИ, законот предвидува и забрана на партија”
Коментирајќи ја иницијатива на ДУИ за озаконување на учество во владата на партијата победник на изборите кај Албанците, Каракамишева-Јовановска рече дека тоа е рушење на уставен поредок и дека законите предвидуваат и забрана за постоење на политичка партија ако промовира идеи кои нудат такви концепти.

„Значи, може да биде забранет тој политички субјект и да не постои на политичката сцена. Значи, има механизми, има кривична одговорност, но има и одговорност на забрана на политичкиот субјект. Така што, има механизми и тука јас мислам дека треба да се насочи ефектот. Можеби и тие сакаат тоа да го видат, нели дека институциите почнуваат прогон против нив, па тие да глумат жртва, и тука исто така држи тезата. Меѓутоа, не може неодговорност да се толерира до недоглед. Значи, некогаш може заради мир во куќа да се пренабрегне тој момент, меѓутоа некогаш ќе мора и да се за’ржи зависно до тоа за каква акција зборуваме. Некогаш кога е само на ниво на збор, може и, на некој начин, да се заобиколи, но ако почнуваат некои активности во таа насока, дефинитивно институциите не само што имаат право туку имаат и обврска да реагираат и да го бранат уставниот поредок и Уставот во Македонија бидејќи согласно уставот Македонија е унитарна република. Унитарната република не познава две национални академии, ниту познава два главни града, ниту познава некакви форми на регионализација коишто ќе водат до федерализација, сето тоа веќе е некоја друга форма на уредување и владеење којашто сега засега никој ја нема прочитано на хартија во смисла како уставна норма. Нели ако тие го сакаат, тоа треба да го дадат како предлог за измена на Уставот или како предлог за измена на некои законски решенија“,
изјави универзитетската професорка.