Бугарија има нејзини сонародници кои живеат во земјите надвор од ЕУ и ако сакаат треба да имаат можност да се вакцинираат против ковид-19, вели бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов во интервју за БНТ на прашањето зошто Бугарија одлучила да донира вакцини против ковид-19 за соседите од Северна Македонија.
„Тука не станува збор за соседи, туку за сонародници. И не само во Македонија, туку и западните покраини во Украина и Молдавија каде има бугарски заедници. На крајот на краиштата Бугарија е држава на сите Бугари. Ние имаме сонародници кои живеат во државите надвор од ЕУ. Тие се бугарски граѓани. Тие можат и треба да се вакцинираат. Кога ние ги признаваме за Бугари треба да им дадеме можност да им се помогне, се разбира ако сакаат, тоа е доброволно“,
вели Каракачанов.
Каракачанов обвини дека Македонија со фалсификувана историја ги учи младите на омраза кон Бугарите и дека Македонците имаат омраза кон сите други народи, освен кон Србите.
„Тука од југословенско време населението се обучува да мрази, се воспитува на омраза кон Бугари, Албанци и Грци, љубов имаат само кон Белград и кон Србите. Сè друго треба да биде мразено. Не може дете од прво одделение да го учат на омраза, дека бугарите се фашисти, убијци, дека Цар Самоил бил Македонец…“,
вели Каракачанов.
Тој додава дека Софија не ѝ ставила вето на Северна Македонија, туку дека само оставила простор преговорите да почнат кога земјата ќе се подобри. Вели дека на крајот ќе излезе дека Македонците постојат од времето на апостол Павле, а дека Исус Христос бил Македонец.
„Ние сме за нив Татари, фашисти и окупатор. Ќе излезе дека Македонците постојат од времето на апостол Павле, а дека Исус Христос бил Македонец. Само ние Бугарите сме некакво долно племе“,
вели Каракачанов.
