Додека Николоски го зборува ова, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“, вели бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт во интервју за БНТ
Вицепремиерот и министер за транспрот, Александар Николоски во интервјуто за „360 степени“ емитувано во понеделникот (28 април) на МРТ 1 рече оти е очигледно дека Софија не сака да ја гради пругата, бидејќи од наша страна биле испратени повеќе од 15 дописи до Бугарија на коишто уште немаме одговор
Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт Гроздан Караџов ги отфрла тврдењата што неговиот македонски колега, Александар Николоски ги изнесе неделава во интервју за „360 степени“ во врска со железничкото поврзување меѓу двете држави на Коридорот 8.

Коментирајќи ги наводите дека Бугарија не презема ништо од своите обврски во рамките на проектот, Караџов во интервју за бугарската национална телевизија БНТ, рече оти има чувство дека Николоски раскажува македонски приказни за добра ноќ.
Во таа насока бугарскиот вицепремиер и министер за транспрот вели дека договорот за железничкото поврзување е испратен до македонските власти, но уште не е потпишан од Николоски.
„Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише? Додека Николоски го зборува ова, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а оттаму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“,
рече Караџов во интервјуто, пренесува БГНЕС.
Тој вели дека Бугарија проектирала 90 проценти сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините, овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час.
„Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не“,
наведе Караџов.
Вицепремиерот и министер за транспрот, Александар Николоски во интервјуто за „360 степени“ емитувано во понеделникот (28 април) на МРТ 1 рече оти е очигледно дека Софија не сака да ја гради пругата, бидејќи од наша страна биле испратени повеќе од 15 дописи до Бугарија на коишто уште немаме одговор.
Николоски ова го кажа, прашан зошто не ѝ враќаат одговор на Бугарија на предлог-договорот за заедничка изградба на тунел на граничната линија, кој стигнал до Владата пред околу три месеци.
„Фер е да се видиме и да ни кажат. Со самото тоа што одбегнуваат да се сретнеме, тоа многу говори за судбината на проектот. На наша страна се делата, на нивна се зборовите“,
рече Николоски.
Тој потврди дека пред три месеци бил испратен нацрт-договор од Бугарија, кој веднаш бил ставен на владина седница и било формирано работно тело на највисоко можно ниво, во кое, како што рече, уште премиерот не е член.
Но, одговарајќи на прашање дали има нешто спорно во тој договор, Николоски рече нормално дека има, а тоа, псоред него, е што бугарската страна одбива да седне на разговори.
„Треба да седнете да разговарате. И велиме, благодариме што ова ни го доставивте, иако претходно средби имаше, ама ги прекинаа. Еве работна група од наша страна, повисоко од ова нема. Формирајте работна група вие, каква сакате, да седнеме, за еден ден ќе ја завршиме работата. Ама имајќи предвид дека не седнуваме затоа што тие не сакаат да седнеме, тогаш не можеме да ја завршиме работата. Да повторам, ако бугарската страна сака да гради пруга, пруга ќе има и ќе се изгради. Што се дела, што се зборови? Зборови се вакви провокативни изјави од бугарска страна, а дела се дека Софија – Перник нема да се реконструира зашто парите ги тргнаа и ќе ги вложуваат во Софија – Бургас, а Македонија во моментов е единствена земја што гради железница на Коридорот 8“,
рече Николоски.

Тој го повтори ставот дека Владата не сака да инвестира во пруга која завршува во тунел. Проблемот, како што вели, е фактот дека Бугарија одлучи да не ја обновува пругата од Софија до Перник, односно од Перник до Ѓуешево во втората фаза.
Бугарската Влада на 15 јануари годинава и испрати на Република Северна Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји. Како што соопшти тогаш бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС), со потпишувањето на договорот ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот. Бугарската страна, како што беше наведено во соопштението, е подготвена што поскоро да ги започне преговорите со Северна Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со нивно потпишување.
Според предлогот, двете држави ќе се договорат која ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на изградбата и ќе вложат максимални напори да обезбедат грант-помош за изградба на тунелот и неговата соседна железничка инфраструктура, почитувајќи ги барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T).
За третиот дел од пругата кон Бугарија македонската и бугарската страна досега одржаа две средби, една во Брисел на 16 октомври лани кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври лани по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи – да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.