Лидерот на опозицијата презентираше Извештај од Фондот за здравствено осигурување од извршена вонредна финансиска контрола на условниот надоместок во Универзитетската клиника за радиологија и онкологија за периодот од 1 август 2021 година до 1 август 2023 година
Сите документи, како што најави, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а од Анкетната комисија во Собранието бараат да го прошири опфатот и со овој период од извештајот
За жал, во Македонија се случува грозоморен скандал, каде и денес и сега се заработува на грбот на болните од канцер. Создадено е системско диво месо на криминал и корупција кое ги има зафатено сите пори на општеството, а најмногу доаѓа до израз каде што треба да се спасуваат животите. Ова денеска го посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако вчера најави дека доколку се покажат како вистинити документите што ги добиле од свиркачи за злоупотреби на Клиниката за онкологија, кои се однесуваат на оваа година, ќе ги презентираат во јавноста.

Според него, жално е што Обвинителството не покренало ниту обвинителен акт и сè се завршило, како што вели, со предистражна постапка.
„Преку свиркачи добивме документација која внимателно ја анализираме и врз основа на која влечеме заклучоци откако се консултираме со луѓе кои се стручни и имаат знаење за тоа коешто е содржано во документацијата. Ќе зборувам за три заклучока кои произлегуваат од документацијата која ја добивме“,
вели тој.
Презентираше Извештај од Фондот за здравствено осигурување од извршена вонредна финансиска контрола на условниот надоместок во Универзитетската клиника за радиологија и онкологија за периодот од 1 август 2021 година до 1 август 2023 година.
„Периодот кој е опфатен во овој Извештај е периодот после оној период за кој зборуваа од Владата дека е опфатен со предистрагата, односно дека до 2021 година се правело што се правело, а после тоа сè било според правилата. Еве, овој Извештај го опфаќа работењето, јавните набавки на МЗ во периодот од 1 август 2021 до 1 август 2023. Овој Извештај во јавноста сè уште го нема. И исто така е опфатен периодот за јавните набавки само на УКРО за 4 месеци, и тоа декември 2022, јануари, февруари, март 2023 година“,
додава Мицкоски.
Извештајот, како што истакна Мицкоски, покажува дека лековите за пациентите доцнеле, а за тоа никој не испратил допис и не биле раскинати договорите со набавувачите, немало контрола при аплицирањето на лековите што им се даваат на пациентите кои лежат на Клиниката и се давале лекови на пациенти кои требало да ги примат на друга клиника, а за тоа нема никаква потврда дали тие лекови ги примил пациентот.
„Ниту еден добавувач не е предупреден, ниту му е дадена негативна референца за неиспорака, а не е ниту добиен одговор, било каков, објективен или субјективен, од дистрибутерите, зошто не се испорачува навремено робата според договорот. Свесно се крши договорот, не се испорачуваат лековите, пациентите остануваат без потребната терапија, и за тоа никој не сноси никакви последици! А ќе ве потсетам, зборувавме за реверс, предвремено доставување на лекови, за оние на кои тие лекови им се потребни“,
вели лидерот на опозицијата.
Мицкоски ја објасни процедурата како со години никој не вршел контрола за аплицирањето на лековите што им се даваат на пациентите кои лежат на Клиниката.
„Преку пример, треба да се аплицира лекот на пациент, вијалата е 100 единици, дозата којашто треба да ја добие пациентот е 50 единици, тие 50 единици се аплицираат, но останатите 50 единици никој не знае, ниту имаат некаква трага каде завршуваат и дали некаде воопшто завршуваат. И ова е така со години правено, бидејќи нема никаква контрола. На тој начин директно со милиони, стотици милиони се оштетуваат македонските граѓани. Овој документ што го имам е извештај од специјалист, односно субспецијалист, каде што во наодот вели дека на барање на пациентот терапијата ќе се аплицира во друга медицинска установа на онколошко одделение. Со други зборови, доаѓа пациентот којшто треба да добие терапија, на клиниката во торбичка му ја даваат терапијата и потоа пациентот оди да ја аплицира таа терапија. Вистинското прашање е дали имаме повратен одговор каде е аплицирана таа терапија и дали навистина таа терапија е аплицирана?“,
вели во еден дел од презентацијата на документите.
Сите документи, како што најави, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а од Анкетната комисија во Собранието бараат да го прошири опфатот и со овој период од извештајот.
„Станува збор за организирана мафија која, за жал, сè уште оперира, мафија која на грбот на граѓаните заработува. Она што овде е запрепастувачки не е само криминалот, туку бездушноста да се заработува на грбот на другиот. Мора да има одговорност. Бараме Анкетната комисија во Собранието да се прошири и да биде опфатен и овој период од извештајот… Сите наши сознанија ќе бидат доставени до Јавното обвинителство“,
рече Мицкоски.