„Кањонинг“ претставува планинарење низ речен кањон. Ова е релативно нова рекреативна активност или спорт дури и во светски рамки, па со терминот „кањонинг“, најверојатно, многумина во земјава се среќаваат првпат. „360 степени“ се приклучи на една група „ловци на адреналин“ во Мариово
Неизбрусен дијамант. Вака го нарекуваат Мариово. По природните убавини и туристичкиот потенцијал – има и зошто. „Кањонинг“ е релативо нова активност – нов адреналин за вљубениците во авантуристички спортови кој овде се практикува рекреативно.
„Кањонингот претставува планинарење во река, буквално. Повеќе би било спуштање низ реката, низ водотеци, скокање од карпи, лизгање по мазни камења – сето она што една еднодневна аватуристичка или адреналинска тура може да го овозможи. Притоа, сето тоа да биде безбедно и издржливо“,
вели Петар Нолев – „Mountain solution“.
Кањонинг–турата започнува во мариовското село Зовиќ, кое е на околу час и половина возење од Битола. Најчесто се формира група од околу 15 луѓе кои треба да имаат малку повеќе храброст, желба за авантура, потреба за адреналин, базични пливачки вештини и толеранција на студена речна вода. Секој добива специјална опрема заради максимална безбедност.
„Ние обезбедуваме сѐ што е потребно за еден човек да дојде да присуствува на кањонот – одело, сигурносни појаси, јажиња, шлемови. Единствено што им треба на нашите гости е авантуристички дух за да го ‘вкусат’ овој производ“
додава Нолев.
Групата се упатува кон Градешка Река на мостот од филмовите на познатиот Милчо Манчевски. Оттука почнува спуштањето низ кањонот. Рутата е долга еден километар и вообичаено се поминува за час и половина до три часа.
„Кањонот сам по себе е околу седум километри долг и изоболува со невидени убавини од типот на карпи, процепи, вирови и водопади“,
вели Нолев.
Спуштањето почнува по „мирен потег“. Треба да се внимава каде се гази и да се следат инструкциите на водичот.
„Кањонингот е авантура која во добар дел зависи од Господ. За да биде ова сигурна и безбедна дестинација ни треба мирно време, да нема некои големи поплави или врнежи коишто после тоа ќе направат да не можеме да влеземе во кањонот“,
смета Нолев.
За многумина предизвик е спуштањето по стрмните карпи. Тоа бара високо ниво на безбедност за што се користат јажиња и друга планинарска опрема.
Сепак, најголемата атракција е скокањето од карпа во вода. Има повеќе такви карпи по рутата со различна висина, а вировите во кои се скока можат да бидат длабоки и над два метра.
Често доаѓаат странски туристи на кои при престојот во земјава им се нуди ваква еднодневна тура. Овој пат целата група е со домашни луѓе.
„Прво спуштање ми е низ кањонот и да ви кажам искрено, воодушевен сум. Не очекував дека толку добро ќе поминам. Адреналински супер е, екстра е сѐ. И сигурност и сѐ“,
вели Кочо Мушуланов.
„Кањонинг во Германија, на Корзика, во Грција на Самотраки, во Венецуела и конечно во Македонија. Не можам да направам споредба. Секој кањонинг е убавина. Инаку, сѐ е обезбедено, значи тоа е важно. Конечно се радувам што можам тука да влезам во кањон. Ултимативно уживање“,
смета Елена Цицковска.
Кањонот нуди многу можности за реакреација, спортување и забава. За водичот, Петар Нолев, секоја тура е различно доживување.
„Сѐ зависи од волјата и од желбата на групата. Но, повеќе од 20 луѓе мислам дека е гужва. Инаку, колку сакаш луѓе можеш да носиш. Еве ги луѓево како се забавуваат“,
смета Нолев.
По речиси два часа следува потег со класично планинарење. Од кањонот се излегува по оваа падина. На нејзиниот врв е целта. Од тука има фанстатичен поглед. Чувството на исполнетост и возбуда уште долго не го напушта духот.
Нолев го искористил стекнатото искуство за активен туризам, со кој се занимавал во неколку балкански земји, за да го создаде туристичкиот производ – кањонинг во земјава. Идеата дошла од потребата за квалитетно развиени проекти кои ќе ја збогатат понудата за активен или авантуристички туризам во Македонија.
„Ние мислиме да инвестираме и да вложуваме во други нови приказни слични на кањонингот, меѓутоа сега, во оваа фаза, размислуваме да ги окрупниме идеите односно да бидеме достапни со три–четири различни приказни и да се обидеме да ги натераме гостите да поминат повеќе од еден ден во овој дел на Македонија“,
вели Нолев.
Но, за тоа потребни се сместувачки капацитети и друга инфраструктура.
„Генерално, на таа тема треба да размислуваат некои повисоки инстанци како општини, држава, Агенција за развој и промоција на туризмот. Треба тие да имаат реална стратегија затоа што ова е реален призвод што секој може да го вкуси, не е нешто апстрактно кое виси во воздухот. Треба да се поддржат вакви и слични проекти на локално ниво генерално во стратешки неразвиени подрачја како што е Мариово“,
додава тој.
Потенцијалот на „кањонингот“ во Мариово го препознале од Швајцарската амбасада во земјава. Го поддржале преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ за да се обезбеди професионална кањонинг–опрема, да се подобри безбедноста и да се користи барем дел од потенцијалот на неизбрусениот дијамант Мариово.