Прашањето за поднесената кандидатура на Силјановска-Давкова без граѓанските потписи го отворија од таборот на нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ, од каде што прашаа зошто кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ се одлучила на ваков потег и дали воопшто ги собрала потребните граѓански потписи, како што тврдеа од партијата
Државната изборна комисија сега треба да одржи седница на која ќе ги разгледа и потврди поднесените кандидатури, а најдоцна до 28 март треба да се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова, кандидатурата до Државната изборна комисија (ДИК) ја поднела без собраните граѓански потписи, туку со потписи од 30 пратеници.
Информацијата за „360 степени“ ја потврдија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека кандидатурата е без граѓанските потписи затоа што сметаат дека станува збор за протоколарна, односно техничка работа.
„Тоа е од причина што станува збор за протоколарна работа. Инаку, професорката Силјановска-Давкова собра над 20 000 граѓански потписи, што доволно говори за поддршката што ја има од граѓаните за нејзината кандидатура за претседател на државата“,
ни изјави од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Државната изборна комисија не можеа да потврдат дека кандидатурата на Силјановска-Давкова е поднесена само со 30 потписи од пратеници, но не и со потписите на граѓаните што таа ги собира пред две недели. Оттаму само ни рекоа дека нејзината кандидатура пристигнала во Државната изборна комисија.
Инаку, на официјалната веб-страница на ДИК стои дека кандидатката за шеф на државата на ВМРО-ДПМНЕ собрала вкупно 28 086 потписи од граѓаните.
Прашањето за поднесената кандидатура на Силјановска-Давкова без граѓанските потписи го отворија од таборот на нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ, од каде што прашаа зошто кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ се одлучила на ваков потег и дали воопшто ги собрала потребните граѓански потписи како што тврдеа од партијата.
„Пред само две недели ВМРО-ДПМНЕ се фалеше дека за Гордана Силјановска-Давкова се потпишале најмногу граѓани, се споменуваа бројки од 20 000, 25 000 потписи, па и повеќе. Но, на крајот, кандидатурата на Силјановска-Давкова беше поткрепена само со триесетина потписи на пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“,
се наведува во соопштението испратено од „Претседател за сите нас – Стево“.
Во контекст на ова, од таборот на Пендаровски поставија и неколку прашања за тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска-Давкова се одличле на ваков чекор.
„Дали на денот на собирање на потписите излажаа за вкупниот број собрани потписи? Дали на списоците можеби имало преклопување на одреден број потписи, едните депонирани во нотарски канцеларии, а другите во подрачни одделенија на ДИК? На крајот, дали конечниот број потписи, не само што не е драстично поголем туку и е помал од бројот на собрани потписи од страна на Стево Пендаровски? Одговор за ова треба да дадат Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ“,
велат од „Претседател за сите нас – Стево“.
Според нив, доставувањето на пратеничките потписи покажува две работи:
„Првата е дека Силјановска-Давкова не е натпартиски кандидат, туку единствено кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и второ, дека Давкова и ВМРО-ДПМНЕ излажаа десетици илјадници граѓани кои со часови чекаа да се потпишат, а нивните потписи наместо за поддршка на кандидатурата отидоа во ѓубре“.
За влез во трката за претседател на државата, според Изборниот законик, се потребни најмалку 10 000 граѓански потписи или 30 потписи од пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Најголем дел од кандидатите за шеф на државата се квалификуваа преку собирање граѓански потписи бидејќи немаат доволен број пратеници во Собранието за тоа да го направат со нивна поддршка. Иако тоа не претставуваше пречка за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Гордана Силјановска-Давкова, односно Стево Пендаровски, тие, сепак, решија да собираат и потписи.
Собирањето потписи траеше од 23 февруари до 8 март.
Покрај нив двајца, во трката за претседател, преку собирање потписи, се квалификуваа и Бујар Османи (ДУИ), Арбен Таравари (Коалиција „Вреди“), Билјана Ванковска (Левица), Стевчо Јакимовски (ГРОМ) и Максим Димитриевски (Движење ЗНАМ). Неопходниот број граѓански потписи не успеаја да го соберат осуммина кандидати.
Државната изборна комисија сега треба да одржи седница на која ќе ги разгледа и потврди поднесените кандидатури, а најдоцна до 28 март треба да се утврди и редоследот на потврдените кандидати на гласачкото ливче.
Претседателските избори се закажани за 24 април, а доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број гласови (мнозинство од запишаните во Избирачкиот список), вториот круг ќе се одржи две недели подоцна, односно на 8 мај, во кој ќе влезат двајца кандидати со најголем број освоени гласови во првиот круг.
На 8 мај се закажани и изборите за нов состав на Собранието на Република Северна Македонија.
На претседателските избори, според ДИК, ќе гласа и дијаспората од дваесетина држави во кои се пријавиле доволен број граѓани со право на глас. Иселениците, пак, нема да гласаат на парламентарните избори затоа што бројот на пријавени граѓани за гласање на овие избори е далеку под потребните 5 355 гласачи.